/ Прочитано:

758

Македонците во Албанија не го прифаќаат новиот Закон за територијална поделба

Петок, 1 август 2014 – Со мнозинство гласови и без присуство на пратениците од опозицијата, албанското Собрание го усвои новиот Закон за административно – територијална поделба на земјата, пренесе „Макфакс“. Според новиот закон Албанија ќе има 61 локална единица.

Со поддршка од 88 пратеници Законот доби зелено светло. Претседателот на Собранието, Вангел Дуле, кој е етнички Грк и лидер на Партијата за човекови права, не дал поддршка на ваквото законско решение.

Дуле и покрај тоа што е во коалиција со левицата која е на власт оценил дека овој закон е дискриминирачки за малцинствата. 

Премиерот на Албанија Еди Рама  пред пратениците истакнал дека три  локални единици од вкупно 61 се на малцинствата меѓу кои ја  спомна и Пустец.

Реакцијата на Македонците во Албанија беше брза. Претседателот на македонско друштво Илинден во Тирана, Никола Ѓурѓај, изјави за „Макфакс“ дека  Македонците со огорченост  ја примиле веста дека предлот за новата територијална поделба  која беше оспорувана од Македонците  е изгласан.   

„За нас оваа е неприфатливо бидејќи  законот не ги почитува правата на малцинствата.  Со овој нов закон укинати се три општини во Голо брдо каде живеат Македонци и три општини во Гора каде исто така живеат Македонци , остана само општината Пустец“, вели Ѓурѓај.

Или Халилај, претседател на огранокот на Илинден во Голо Брдо  за Макфакс изјави дека Македонците преу своите здруженија и партија ќе ги користат сите демократски средства за да се  спротивстават на овој закон. 

„Ние очекуваме и реакција на владата на нашата матична држава Македонија“, нагласи Халилај .

Реакциите се силни и од грчкото малциство. Лидерот на Партијата за човекови права Вангел Дуле најави референдум во Химара, кое го подржува и здружението на Грците во Албанија, Омонија.