/ Прочитано:

888

МАПАС: Членовите на пензиските друштва да ги ажурираат податоците

Четврток, 17 септември 2015 – Со цел точно и навремено доставување на редовните известувања, кои пензиските друштва, НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје и КБ Прво пензиско друштво АД Скопје ги доставуваат до своите членови, од особено значење е членовите на вториот и третиот столб да вршат ажурирање на своите лични податоци, апелираат од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).

„Сите членови кои имаат промена во своите лични податоци, потребно е да ги ажурираат, за да ги добиваат редовно годишните известувања од пензиските друштва. Тоа може да го направат електронски преку нивните веб страници или во седиштата на пензиските друштва“, се вели во денешното соопштение МАПАС.

За ажурирање или корегирање на своите податоци, членовите на пензиските фондови потребно е да се обратат во пензиското друштво кое управува со пензискиот фонд во кој членуваат и да пополнат барање за ажурирање или корекција на лични податоци.

Од почетокот на 2015 година се воведе новост со која се овозможува на членовите на пензиските фондови преку електронски систем на интернет страницата на пензиските друштва да ги ажурираат/корегираат своите лични податоци. Пензиските друштва до своите членови еднаш годишно доставуваат извештај за пензиска заштеда на индивидуална сметка, на доброволна индивидуална сметка и на професионална сметка и извештај за инвестициско портфолио.