/ Прочитано:

23.154

Марко Кртолица – најинспиративен асистент на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Според податоците од истражувањето на Факултети.мк, спроведено на повеќе факултети во рамките на УКИМ, меѓу кои и на Правниот факултет „Јустинијан Први“, за студентите најинспиративен од асистентите на најстариот правен факултет во земјава е Марко Кртолица, затоа што, како што велат студентите, има посебен пристап кон студентите, со уникатен начин на предавање. Од Факултети.мк велат дека добиле речиси триста предлози и повеќе од илјада одговори  на нивната онлајн анкета за тоа кои се најинспиративните асистенти на државните универзитети.

„Асистентот Кртолица  е најдобар. Кога ни предаваше на додипломски студии, неговите часови едноставно беа уживање. Пристапот му беше посебен, а начинот на предавање оригинален и уникатен. Нема надмен и горделив однос кон студентите, туку напротив знае да ислуша и има трпение. Ги поттикнува со домашни задачи и секогаш е достапен за нив. Тој е вистински педагог“, велат студентите.

По завршувањето на една дебата на предавањето, додаваат студентите, на сите учесници ни даде посебен личен коментар, тие реченици се незаборавни. Кртолица е прв предавач на Факултетот кој ни посочи дека сме способни за нешто уште во прва година.

„За неговите предавања во комбинација со професорката Силјановска би требало да сме благодарни што сме дел од овој факултет и од нивниот свет, и за неговото омилено: И 6-ка ти носи диплома. Сфати ја суштината, не бркај оценки“, велат студентите.

„Како што сум јас инспирација за студентите така се и тие мојата инспирација. За мене работата со студентите е најубавата работа на светот. На ниедно место не се чувствувам толку слободен како во амфитеатарот, пред студентите.  Тие ми даваат и енергија и инспирација. Секогаш треба да се има предвид дека младите се иднината на оваа земја, и од тие причини и одговорноста на луѓето од науката, на професорите и на асистентите, е голема. Во таа насока, јас ќе продолжам да бидам посветен на студентите и ќе работам за тие да добијат што поквалитетно образование кое е императив за развојот на една земја“, вели за Академик  Марко Кртолица, кој е асистент на Катедрата по уставно право и политички систем.

Исто така, според студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“, најинспиративни професори од овој факултет се професорите Димитар Гелев и Гордана Силјановска-Давкова. Студентите велат дека  Гелев е одличен предавач и вистински научник, а професорката Гордана Силјановска е професионална, објективна и пријателски расположена.

Професорот Димитар Гелев, коментираат студентите, е вистински научник, професионалец и најдобар човек, кој во секое време им дава книги и материјали на своите студенти. Секоја негова постапка, нагласуваат студентите, е инспиративна и тој ни помага за сè без причина. За ваквите постапки на професорот, анкетираните студентите искажуваат голема благодарност.

Најфасцинантно кај професорката Силјановска е тоа што на предавањата, покрај задолжителната програмата од учебниците, внесува и многу други теми, како историски така и актуелни. На испитите што се полагаат кај неа, посочуваат студентите, никогаш не бара точно пренесени реченици, од точка до точка, туку поставува прашања со кои би можеле да ги искажеме сопствените ставови на одредена тема. Таа никогаш, истакнуваат анкетираните студенти, не ја намалува оценката само затоа што студентот размислува на различен начин од неа.

Гордана Силјановска и Димитар Гелев – најинспиративни професори на Правниот факултет „Јустинијан Први“

М.В