/ Прочитано:

928

МЕДИУМИ И ЗАКОНИ: „Ако нѐ не вклучите во преговорите, сами оргaнизирајте си фер избори“

Вторник, 20 ноември 2015 – Новите измени на Изборниот законик во делот на медиумите се неприфатливи за медиумските здруженија поради високите казни кои се движат до 8.000 евра, како и вметнувањето на интернет порталите во нив. Претставниците на новинарите и медиумите бараат вклучување во преговорите за измените законите кои се однесуваат на медиумите.  Ако нѐ не вклучите во преговорите, сами организирајте си фер избори, порачуваат тие.

Според Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми и СЕЕМ  најновите измени на Изборниот законик во делот на медиумите се донесени во нетранспарентна постапка, а двојното золемување на казните и вметнувањето на интернет порталите дополнително ќе го зголеми притисокот врз медиумите. Тие бараат вклучување во разговорите за измените на законите кои се однесуваат на медиумите.

„Особен револт медиумските организации изразуваат за законското регулирање на Интернет порталите, бидејќи со истата законска регулатива, казните до 8.000 евра за Интернет портал или печатен медиум, може да значат и затворање на медиумот. Го повикуваме медијаторот Питер Ванхауте веднаш да ги вклучи претставниците на новинарите и медиумите во разговорите. Ако не се преиспитаат казните и ако не бидеме вклучени во разговорите, ќе организираме протести пред Клубот на пратениците, исто така ќе ги повикаме медиумите да ги бојкотираат евентуалните решенија кои ќе произлезат од разговорите и партиите сами нека организираат фер избори без медиумите“, истакна претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

„Сакаме да им порачаме на оние кои не` доведоа до ова дереџе да бидеме со најмали плати во регионот дека нема да дозволиме со пазарења да ни ја кројат судбината“, рече Тамара Чаусидис, претседател на Синдикатот на новинари и медиумски работници.

Организациите се спротивставуваат на обидот за секакво законско регулирање на интернет порталите.

„Револтирани сме затоа што интернет порталите на мала врата ги пикнаа во Законот и ги третираат како медиуми. Се прашуваме дали следното е да ги стават и во Законот за медиуми и да ги дефинираат и на тој начин да им се отвори можност за натамошно ограничување на слободата на изразување“, изјави Теофил Блажевски, член на на извршниот одбор на Синдикатот на новинарите.

Законите за медиумите се очекува да бидат донесени до крајот на следната недела

На новинарите денеска им се обрати и посредувачот Питер Ванхауте кој истакна дека очекува до следниот петок да бидат донесени соодветните измени на медиумските закони и со тоа да завршат разговорите  за тој дел од Договорот во Пржино.

„Треба да се изнајдат долгорочни решенија во Македонската радио телевизија и во Македонската информативна агенција. Промената на луѓето нема да промени ништо во медиумската сфера. Исто така комерцијалните медиуми не смееме да ги ограничиме со забрана за реклами затоа што тоа е така во целиот свет. Сепак очекуваме идната недела, да ги разгледаме сите понудени решенија и се надевам дека ќе изнајдеме конечно решение за да ја заокружеме оваа тема. Битката е далеку од завршена, меѓутоа сите партии ја примија пораката“, изјави Ванхауте.

Изборниот законик во делот за медиумите

Член 181-а

Глоба во износ од 8.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на радиодифузерот, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите), ако:

– не обезбеди покривање на изборите на правичен, избалансиран и на непристрасен начин (член 75 став (1)), – не овозможи подеднакви услови за пристап до програмите на сите организатори на изборна кампања (член 75 ставови (2)), – програмите наменети за малолетната публика се користат за изборно медиумско претставување (член 75 став (3)) и – ако на било каков начин финансираат или даваат донации на политичките партии (член 75 став 4); – постапат спротивно на членот 75-ѓ од овој законик.

(2) Глоба во износ од 800 до 1.200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на службеното лице кое што одобрило користење средства од Буџетот на Република Македонија или буџетите на општините и градот Скопје за платено рекламирање за време за изборна кампања.

(3) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на радиодифузерот, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) ќе му се изрече и на одговорното лице на радиодифузерот, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Член 182

(1) Глоба во износ од 8.000 евра во денарска противвредност ќе им се изрече за прекршок на радиодифузерот, печатениот медиум и електронскиот медиум (интернет портал), ако: – емитуваат, односно објавуваат платено политичко рекламирање спротивно на членот 75-д став (1) од овој законик, – огласите и соопштенијата за независните кандидати содржат податоци спротивно на членот 75-д став (3) од овој законик, – емитуваат, односно објавуваат огласи и реклами спротивно на членот 75-д став (6) од овој законик – не утврдат ценовник за платено политичко рекламирање на учесниците во изборниот процес (член 75-ѓ став (2)), – не го објават и/или не го достават ценовникот (член 75-ѓ ставови (3) и (4)), – го изменат ценовникот во текот на изборната кампања (член 75-ѓ став (5)), – постојните ценовници за платено политичко рекламирање не ги применуваат и за време на изборната кампања и притоа цената по секунда за платено политичко рекламирање ако ја надминува просечната цена на рекламирање пресметана во последните три месеци пред денот на распишување на изборите (член 75-ѓ став (6)) – не обезбедат рамноправен пристап согласно со членот 75-ѓ став (7) од овој законик и – го прекршат изборниот молк (член 76-б).

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на радиодифузерот, печатениот медиум и електронскиот медиум (интернет портал), ќе му се изрече и на одговорното лице на радиодифузерот, печатениот медиум и електронскиот медиум (интернет портал), за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Член 183

(1) Глоба во износ од 8.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на радиодифузерот, ако: – го објави изборното пропагандно известување без наведување дека се работи за платено политичко рекламирање и ако не го одвои од другите содржини на медиумите (член 76 став (1)), – јасно не го означи нарачателот на платеното политичко рекламирање (член 76 став (2)), – го објави изборното пропагандно известување со учество на малолетници во платено политичко рекламирање (член 76 став (3)) и – емитува платено политичко рекламирање во вести, информативни, образовни и програми за деца, во преноси од верски, спортски, културни и други настани (член 76 став (4)). – емитува бесплатно политичко претставување во своите програми од денот на распишување на изборите до нивното завршување (член 76, став 8).

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на радиодифузерот ќе му се изрече и на одговорното лице на радиодифузерот за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Член 183-а

(1) Глоба во износ од 4.500 евра во денарска противвредност ќе им се изрече за прекршок на радиодифузерот, печатениот медиум и електронскиот медиум (интернет портал), ако: – ги објават резултатите од испитувањето на јавното мислење спротивно на членот 77 став (1) од овој законик, – ги објават резултатите од испитувањето на јавното мислење, а не ги наведат податоците утврдени во членот 77 став (2) од овој законик и – објават резултатите од испитувањето на јавното мислење спроведено на денот на изборите спротивно на членот 77 став (3) од овој законик.

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на радиодифузерот, печатениот медиум и електронскиот медиум (интернет портал), ќе му се изрече и на одговорното лице на радиодифузерот, печатениот медиум и електронскиот медиум (интернет портал), за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Интернет порталите во 2013 година предвидени, па изземени од Законот за медиуми

Законодавноправната голгота на медиумското регулирање во декември 2013 година заврши со изземање на интернет порталите од Законот за медиуми.

„Се согласивме дека интернет порталите не треба да бидат дел од оваа легислатива. Тоа значи дека електронските публикации ќе се бришат од Законот. Се согласивме и за член 48 кој се однесува на посебните забрани во Законот за аудио-визуелни медиумски услуги во кој ќе се додаде и нов став во кој се вели дека секое ограничување на содржините во медиумите треба да биде во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права“, изјави тогаш ексминистерот  министер за информатичко оштество и администрација Иво Ивановски.