/ Прочитано:

862

Медиумските закони пред пратениците: Интернет порталите изземени од Предлог – законот, за другото откако предлогот ќе се изгласа – дополнително ќе се разговара

Среда, 25 декември 2013 – Популарно наречените медиумски закони повторно пред пратениците. Се очекува законите кои предизвикаа големи реакции во новинарската фела набрзо да бидат донесени, иако одредени дилеми околу дефинициите, методологијата и регулацијата останаа да „лебдат во етерот“.

Хроника на еден најавен законски предлог

Во првото читање на медиумскиот пакет закони, односно на Предлог – законите за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, предлагачот истите ги оцени како рефромски и во согласност со препораките на меѓународните и релевантни организации, професионализацијата на дејноста на новинарите и меѓународните правни, професионални и етички стандарди.

Сепак, од потесната професионална и стручна јавност, ваквата оценка на предлагачот не беше прифатено дека прецизно ја отсликува состојбата, затоа што во предложените решенија се детектираа одредби кои не се во согласност со меѓународната и професионална практика, па предложените решенија се претворија во предмет на поширока дебата, јавна расправа и анализа за пронаоѓање поинакви компромисни модалитети помеѓу еснафот и Владата.

Временскиот период за донесување на законот беше пролонгиран, а во меѓувреме се разгледуваа најразлични решенија за прецизирање на законските одредби. Она што беше суштинско во расправата беше предметот и начинот на законска регулација на интернет порталите, дефиницијата на новинарите, казните, владините реклами, финансирањето на домашно производство на играните и документраните програми, поставеноста на агенцијата за медиуми.

Средба Иво Ивановски – Насер Селмани

И кога во општата расправа се очекуваа и најавуваа уште креативни идеи за „операционализација“ на медиумскиот простор, пред неколку денови беше обзнането финиширање на законодавноправната голгота на медиумското регулирање. Двата закони што се предложени на денешната собраниска седница добија делумна, но доволна „препорака“  од министерот за информатичко општество и претеседателот на ЗНМ, за старт на собраниското разгледување и гласање.

Според разговорот Ивановски-Селмани, постигнат е договор само за три прашања, а поголем дел од забелешките на ЗНМ не се прифатени, но сепак двата закона ќе се изгласаат на Собрание, а потоа амандмански ќе бидат додадени забелешките.

Прифатени се забелешките за интернет порталите да не се регулираат со законите, новинарите да имаат претставници во Агенцијата за медиуми и одредбата што се однесува на посебните забрани, да се дополни со став дека секое ограничиување на медиумите треба да биде во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права. Нема договор за дефиницијата новинар, казните, владините реклами, финансирањето на домашно производство на играните и документраните програми, поставеноста на агенцијата за медиуми. Како и за ЗНМ, така и за останатите чинители кои ја анализираат состојбата на медиумското законодавство, овие прашања треба да се разгледаат. Во контекст на псочените недоговорени прашања, Македонскиот центар за развој на медиуми кој активно ја следи медиумската проблематика, наведува дека дефиницијата на новинарот е инкомпатибилна со префиксите на интернетот и традиционалното поимање на дејноста. Казните, рекламирањата, поставеноста на агенцијата, се исто така многу битни прашања, кои можеби беа дефокусирани од својот примарен интерес во расправата за изземањето на интернет поратлите од законот, која секако е позитивна, велат од таму.

Ивановски во пресрет на денешната седница: Интернет порталите нема да бидат дел од легислативата, за други прашања отворени сме за понатамошна дискусија

Во пресрет на денешната седница, министерот за информатичко општество посочува дека разговорите треба да продолжат и дека како министерство се отворени за соработка.

„Се разбира дека понатаму сме расположени за сите останати проблематики кои што можеби на некои страни се уште не им се јасни, да се дообјасниме. Како и за секој друг закон стоиме на тоа дека за сите објективни препораки и сето она што е потребно не се срамиме да доставиме дополнителни измени со цел да се подобри легислативата во Република Македонија“, изјави Ивановски за предложените решенија.

Тој се надева дека дискусијата со Здружението на новинари ќе продолжи да функционира на високо ниво, без оглед, како што вели, дали тоа ќе биде  формално или неформално, со цел да се постигне квалитетна легислатива којашто ќе придонесе  за развојот на медиумскиот сектор во Македонија.

„Се согласивме дека интернет порталите не треба да бидат дел од оваа легислатива. Тоа значи дека електронските публикации ќе се бришат од Законот. Се согласивме и за член 48 кој се однесува на посебните забрани во Законот за аудио-визуелни медиумски услуги во кој ќе се додаде и нов став во кој се вели дека секое ограничување на содржините во медиумите треба да биде во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права“, дециден е Ивановски, посочувајќи и  дека се согласни за застапеноста на новинарите во Советот на идната Агенција за медиуми. >> Предлог – закон за медиуми (второ читање) >> Предлог – закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (второ читање)