/ Прочитано:

1.086

Мега аферата „Шпион“ на крајот на месецов влегува во судница

Петок, 10 јануари 2014 – На 27 јануари ќе стартува судскиот процес за првата шпионска афера во Македонија. Деветнаесет лица, колку што се опфатени со обвинителниот акт за случајот „Шпион“ ќе одговараат за шпионажа, уцена, измама, послужување во службата, недозволено изработување, држење и тргување со оружје, изнуда, злоупотреба на државна службена или воена тајна, оддавање државна тајна и злосторничко здружување. 

Случајот кој на големо ја разбранува македонската јавност пред се поради карактерот на делата, но и профилот на обвинетите ,  во судска постапка ќе го води судијата Ѓоко Ристов. 

Првообвинет е Марјан Ефремов, поранешен разузнавач кој според наводите на МВР откако во 2009 година добил отказ од Агенцијата за разузнавање, формирал злосторничка група во која влегле поранешни или сегашни вработени во УБК, Јавна безбедност, Агенцијата за разузнавање, воената полиција, Државниот архив и сопственици на медиуми. 

Обвинетите кои беа уапсени во септември минатата година, се теретат дека работеле за странски разузнавачки служби, прибирале информации на незаконски начин и ги продавале, а се однесувале на безбедносните институции, политичката состојба во државата, изборите, одредени ризици, имиња на лица за кои се воделе процеси, податоци за тие лица, класифицирани информации за верски заедници и нивни радикални структури. Истрагата утврдила дека вака обезбедените документи му ги предавале на Ефремов, кој информациите и податоците ги доставувал преку специјален сателитски оперативен систем, а дел од нив и лично доставувал до странските агенти. Според полицијата, преку еден од обвинетите кој бил вработен  во Државниот архив, тие исто така обезбедувале досиеја за јавни личности и за членови на бизнис-заедницата и потоа со  закани и уцени  им изнудувале пари.

Процесот ќе почне без новинарот Зоран Божиновски

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција неодамна ја прошири истрагата  за уште две лица, а ја прекина против новинарот Зоран Божиновски кој веќе два месеци се наоѓа во екстрадициски притвор во Нови Сад, како и за уште две лица кои не се достапни на органите на прогонот.  

Доказниот материјал за Божиновски веќе е испратен до судот во Нови Сад, кој треба да да одлучи врз основа на доказите дали ќе го испорача или не. Во меѓувреме судот му го продолжи притворот на новинарот за 60 дена, што значи дека неговото враќање во земјава нема да биде пред почетокот на март.

Од Oбвинителство за Академик појаснуваат дека постапката за Божиновски ќе продолжи кога тој ќе биде донесен во Македонија и во тој случај најверојатно би дошло до спојување на постапките.

Моментно, 13 обвинети се наoѓаат во притвор во Шутка, двајца  се во куќен притвор, а тројца обвинети, меѓу кои и Маријан Маџоски, шеф на Кабинет на претседателот на Собранието на РМ , ќе се бранат од слобода. Ефремов, пак, се наоѓа во КПУ Идризово каде отслужува затворска казна за нелегално поседување на оружје.

Потсетуваме дека скопскиот Кривичен суд на прес-конференција за новинарите одржана во месец септември соопшти дека поради чувствителноста на доказите, кои се со степен на тајност, јавноста во најголем дел од судскиот процес ќе биде исклучена.

„Тоа е одлука на судот, кој понатаму ќе ја води постапката, извесно е дека еден дел од постапката ќе биде од затворен тип, што значи дека јавноста нема да може да присуствува кога ќе се изведуваат докази кои имале одреден степен на класифицираност, односно одреден степен на тајност“, изјави на  прес-конференцијата тогашниот портпарол на Основниот суд Скопје 1,  Владимир Туфегџиќ.

(Е. П.)