/ Прочитано:

5.808

МЕЃУНАРОДЕН ДЕН ЗА БОРБА ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ: Стоп за насилството, дискриминацијата, мобингот, помалите плати

Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, организираше настан на кој, за прв пат во Македонија, политичките лидери потпишаа Декларација за спречување и заштита од различни форми на насилство врз жените и семејно насилство.

akademik foto 1

Со овој настан Националната мрежа ја започнува кампањата „16 дена активизам против насилство врз жените и семејното насилство”. Со Декларацијата, лидерите на политичките партии во Македонија се обврзуваат на ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашно насилство – Истанбулската конвенција.

Целта на Конвенцијата е воспоставување на нулта толеранција за различните облици на насилство на кои се изложени жените. Секоја од државите потписнички презема обврска да ги спроведе сите мерки за превенција на различните форми на насилство, заштита и поддршка на жените кои преживеале насилство и гонење и казнување на насилниците. Република Македонија е потписник на Конвенцијата од јули 2011 година и оттогаш Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство спроведува активности за лобирање во насока на ратификација и имплементација на Конвенцијата.

 Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилството врз жените и семејното насилство, нагласи дека заложбата на политичките партии да почнат да работат поинтензивно на овој проблем и да му пристапат со вниманието што го заслужува е само првиот чекор кон справување со насилството врз жените и семејното насилство кое ја засега секоја трета жена во Македонија.

Минатата декада, подвлече Димушевска, Македонија дејствуваше преку законите, но сепак семејното насилство сè уште не се препознава како родово, а општеството го миноризира и го маргинализира.

„Недоволна е заштитата врз жените, тежок е пристапот до услугите на институциите и тие не обезбедуваат целосна територијална покриеност. За насилството сè уште нема ни статистика, а овој проблем воопшто не бил во фокусот на политичките партии, истакна Димушевска.

Родово базираното насилство, дискриминацијата врз основа на пол и бременост, присилниот абортус и стерилизацијата, помалите плати и помалку платениот труд, неефикасните механизми за правна заштита и мобингот, претставуваат секојдневно континуирано нарушување на правата на жените во Македонија.

„Во насока на придржување кон целите поставени со Истанбулската конвенција, во Македонија е потребна измена на законите, на тој начин што ќе се воведат засебни кривични дела на психолошко насилство, демнење, физичко насилство, сексуално насилство, вклучувајќи и силување, присилни бракови, женско генитално осакатување, присилен абортус и присилна стерилизација, како и забрана за сексуално вознемирување“, велат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилството.

Во таа смисла, додаваат од организацијата, неопходно е во судските постапки да им се помогне на жените кои поминале низ насилство, преку обезбедување на заштита и поддршка во текот на постапките, преку информирање за напредувањето на случајот, преку нивната улога во постапката и преку овозможување жртвите да бидат сослушани и да изведуваат докази без да се соочат со сторителот.

„Истанбулската конвенција доаѓа во време кое, за жал, не може да се нарече златна доба на родовата еднаквост и рамноправност, иако прашањата за заштитата на жената, родово заснованите девијации, а особено за заштита од насилство, се многу одамна предмет на дебати, на меѓународни акти, на национални регулативи на сите нивоа итн. Денес, семејното и родово заснованото насилство се чини дека се присутни повеќе од кога било, и тоа во нови форми, кои, за жал, се релативизираат, се затскриваат и се толерираат, вели  проф. д-р Александра Деаноска – Трендафилова од Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Семејното насилство во Македонија е во постојан пораст, а во 90 проценти од случаите жртви се жените и децата. 25 ноември е Меѓународниот ден за елиминирање на насилството врз жените и почеток на кампањата „16 дена на активизам за спречување на насилството врз жени и девојчиња“. Кампањата годинава е со мотото „Вклучи се, исклучи насилство“.

Невладините организации нагласуваат дека сериозен проблем претставува и згрижувањето на жртвите во шелтер-центрите, односно засолништа за привремено згрижување на жртвите на насилство. Постојните капацитети на центрите за згрижување жени жртви на семејно насилство, велат од Хелсиншкиот комитет, не се доволни за сместување на сите жртви на кои тоа им е потребно, а во повеќето градови низ државата воопшто и не постојат вакви центри. Дополнително, во државата не постојат центри за згрижување на жени жртви на сексуално насилство.

Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство е основана во 2010 година, од 27 граѓански организации кои работат на превенција и борба против насилството врз жените и семејното насилство.

Мисијата на Националната мрежа е координирано дејствување во насока на унапредување на политиките и практиките за справување со проблемот на насилство врз жените и семејно насилство.

Мрежата се стреми кон препознавање на женските човекови права и нивна афирмација во РМ. Стратешки цели на мрежата се: актуализирање на проблемот на насилство врз жените и семејното насилство, воспоставување на влијание врз националните политики, зајакнување на внатрешните капацитети и координирано дејствување на мрежата, подобрување на моделот на заштита на жртви, спроведуван од граѓанските организации, како и развивање на регионална и меѓународна соработка.

ПОДИГНУВАЊЕ НА ЈАВНАТА СВЕСТ: Насилството врз жените е кршење на човековите прва

Откази поради бременост, помалку платен труд, мобинг и насилство – правата на жената секојдневно се нарушуваат

Донесена е првата пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на личен статус – бременост

Самохрана мајка, која поради бременоста била дискриминирана на работното место, ја доби правдата на суд

Родово заснованото насилство е присутно повеќе од кога било и, за жал, тоа се толерира – проф. д-р Александра Деаноска – Трендафилова

М.В