/ Прочитано:

1.735

Меѓународен ден на борба против злоупотреба на детскиот труд – Извештај на Меѓаши за остварување на правата на децата во РМ

Петок, 12 јуни 2015 – На денешниот Меѓународен ден на борба против злоупотреба на детскиот труд, Првата детска амбасада во светот Меѓаши, го претстави Извештајот за остварување на правата на децата во Република Македонија, подготвен од Македонската неформална национална коалиција на невладини организации за правата на детето.

Извештајот за остварување на правата на децата во Република Македонија дава општа слика за состојбата со остварувањето на правото на образование на децата со посебни образовни потреби, како и вклученоста на децата Роми во целокупниот образовен процес.

Во овој извештај се разгледуваат и состојбите во областа на доењето, малолетничката правда, почитувањето на правата на децата во областа на детското учество, децата кои употребуваат дрога и децата жртви на продажба, трговија и киднапирање.

„При следењето на состојбата со правата на децата во погоре наведените области, како основа беше земена Конвенцијата за правата на детето (КПД), двата Факултативни протокола кон КПД и Препораките од Комитетот на Обединетите нации за правата на детето, коишто беа испратени до Република Македонија во 2010 година. Овој извештај го опфаќа следењето на состојбата со правата на децата во периодот на 2013 и првата половина од 2014 година. Извештајот е подготвен од неформалната Коалиција на невладини организации за правата на детето, којашто е основана и координирана од страна на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, а во неа, заедно со Детската амбасада Меѓаши, членуваат 14 организации и една коалиција на граѓански организации“, велат од Меѓаши.

Најважните наоди во однос на спроведувањето и почитувањето на правата на децата во наведените области се наведени во извештајот во форма на позначајни резултати до кои сме дошле преку сознанија, генерални согледувања и заклучоци.Извештајот се заокружува со препораки, со цел подобро остварување на правата на децата преку целосна имплементација на водечкиот меѓународен документ кој ги дефинира правата на децата, Конвенцијата за правата на детето.

„Како Коалиција, би сакале да искажеме благодарност до сите што  се вклучија во собирањето на податоците, како даватели на податоци или како учесници во обезбедувањето податоци. Нивното учество и споделување на информациите беше повеќе од добредојдено затоа што покрај тоа што помогна за подготовката на овој извештај, воедно помага и за креирање подобар свет за децата.  Подготовката на овој извештај е поддржана од страна на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија преку проектот Градење на капацитетите на невладиниот сектор во мониторирањето на детските права“, истакнуваат од Меѓаши.

Како препораки за подобрување на работењето и севкупниот систем на поддршка на децата жртви се:

  • Планирањето и обезбедувањето технички, човечки и финансиски ресурси на ниво на државните институции заради обезбедување соодветна социјална поддршка на жртвите на трговијата со луѓе, согласно со нивните индивидуални потреби.
  • Владата да обезбеди средства за финансирање на НВО кои имплементираат активности против трговијата со луѓе. Покрај поддршката од меѓународните донатори, потребно е средствата да се обезбедат и од сопствените, внатрешни ресурси.
  •  Потребно е превентивно да се работи со семејството кое претставува ризик фактор за лицето да стане жртва на трговија со луѓе и тоа на: надминување на дисфункционалноста, конфликтите меѓу брачните партнери/родителите, семејното насилство, алкохолизмот, криминалитетот и подобрувањето на материјалната положба на семејството. 
  • Потребно е да се работи поинтензивно на откривање на експлоатацијата, а особено на трудовата, која е во тренд на зголемување, преку изнаоѓање пософистициран пристап во откривањето на жртвите на трговија со луѓе и прогон на трговците. 
  • Партнерството во планирањето и реализирањето на овие активности е задолжително, а интересот и потребите на лицата/детето секогаш треба да се во прв план при давањето директна помош и заштита. Потребно е 73 развивање на подолг и поинтензивен третман на самата жртва на трговија со луѓе за надминување на состојбата во која се наоѓа жртвата.
  • Имајќи го предвид фактот дека голем дел од жртвите се враќаат во истата средина, и се соочуваат со проблемите што ги имале пред да станат жртви, потребна е поголема поддршка од страна на ЦСР, НВО и членовите на заедницата за нивно поефикасно реинтегрирање во општеството.
  • Да се пронајдат нови форми за згрижување и реинтеграција на жртвите, а моменталното враќање во природното семејство да се оствари само кога е во интерес на жртвата.
  • Потребно е да се засилат реинтеграциските процеси на локално ниво. Овде може да даде придонес граѓанскиот сектор во партнерство со Центрите за социјална работа.
  • И покрај тоа што соработката меѓу граѓанското општество и државата е на задоволително ниво, сепак, постои потреба за поголемо препознавање на улогата на невладините организации кои работат на овој проблем и кои се важни актери во процесот на реинтеграција.
  • Зајкнување на улогата на раположливите СОС линии во процесот на идентификација и упатување на жртвите од трговија со луѓе преку промоција на телефонскиот број и услугите кои се обезбедуваат за широката јавност.
  • Да се изнајдат начини за ефикасна компензација на жртвите од трговија со луѓе која им е доделена во текот на судската постапка. 

Целиот извештај PDF