/ Прочитано:

4.517

Меѓународен ден на семејството со фокус на улогата на семејството во образованието на децата

Денеска во светот се одбележува 15 мај, Меѓународниот ден на семејството. 15 мај за меѓународен ден на семејството е прогласен од страна на Обединетите нации во 1993 година, а првпат е одбележан во 1994 година.

Со Меѓународниот ден на семејството, велат од Обединетите нации, се истакнува значењето на семејството на меѓународен план, а оваа година во тој поглед дополнително се нагласува важноста на образованието и улогата на семејствата во образованието на децата.

Во таа насока, Меѓународниот ден на семејството оваа година има за цел да ја подигне свеста на родителите и старателите за образованието и воспитувањето на децата и нивната благосостојба, но и да го назначи значењето за воспоставување на баланс помеѓу работата на родителите и нивната семејна улога.

На потребата од рамнотежа помеѓу работата и семејството упатува и Меѓународната организација на трудот, а улогата на родителите и старателите во образованието и воспитувањето на детето е нагласена и во Конвенцијата за правата на детето.

Македонскиот Закон за работни односи ја истакнува и заштитата на работниците поради родителството. Работниците поради родителство имаат право на посебна заштита во работниот однос и работодавачот е должен на овие работници да им овозможи полесно усогласување на семејните и професионалните обврски.

Во член 40 од Уставот на РМ се пропишува дека Републиката обезбедува посебна грижа и заштита на семејството. Правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон. Родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Републиката им обезбедува посебна заштита на децата без родители и децата без родителска грижа.

Семејството, се дефинира во македонскиот Закон за семејството, е животна заедница на родители и деца и други роднини, ако живеат во заедничко домаќинство. Односите во семејството се засноваат врз рамноправност, заемно почитување, меѓусебно помагање и издржување и заштита на интересите на малолетните деца.

Родителите, се пропишува во Законот, спрема своите деца имаат еднакви права и должности и тие се грижат за подигање, чување, воспитание и образование на своите деца.

Народниот правобранител во својот годишен извештај истакнува дека несомнено е значењето на семејството во развојот на детето, како и влијанието на родителите/старателите врз правилното воспитување и изградба на неговата личност.

Во случаи кога семејството не може да се грижи за детето, органите и институциите за заштита на детето се обврзани да преземат соодветни мерки за негово соодветно згрижување и образование, во согласност со најдобриот интерес на детето.

Образованието и воспитанието на децата се прашања на кои се фокусира и Првата детска амбасада во светот, „Меѓаши“. Сиромаштијата и неписменоста кај децата, вели основачот на „Меѓаши“, Драги Змијанац, се голем проблем со кој се соочува Македонија.

„Некои од сиромашните семејства не можат да си дозволат директни или индиректни трошоци за образување на децата. Справувањето со ваквиот вид семејна сиромаштија е централен дел од стратегијата за справување со детскиот труд. Државата, исто така, треба да спроведе стратегии за социјална заштита кои ќе им помагаат на сиромашните семејства да излезат од кругот на неписменост, злоупотреба и сиромаштија. Клучот е во образованието за сите деца“, истакнува Змијанац.

M.В