/ Прочитано:

3.098

Меѓународна конференција за in dubio pro reo, начелото што бара судиите што одлучуваат за фактите да ослободат ако се двоумат

Здружението за кривично право и криминологија во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје денеска организираше меѓународна конференција на тема „Двојба во корист на обвинетиот, виновен надвор од разумно сомневање“.

На меѓународната научна конференција се дискутираше за начелото in dubio pro reo, кое е предмет на анализа и истражување во  компаративната студија на оваа тема, спроведена под покровителство на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

„Што е двојба и какво е чувството на двоумење? Зар судијата како независен арбитер не би требало да биде во двојба во текот на поголемиот дел од судењето? Сепак, зар не треба судијата да донесе одлука на крај? Но како може судијата да одлучи ако се двоуми и дали може судијата и покрај сè да остане во состојба на двојба? Кривично-процесното начело in dubio pro reo – кога постои двојба да се одлучи во корист на обвинетиот – и стандардот вината да биде докажана надвор од разумно двоумење, се осврнуваат на двојбата и затоа нивната суштина и употреба веројатно можат да фрлат повеќе светлина врз погорните прашања“, се вели во истражувањето „Двојба во корист на обвинетиот, виновен надвор од разумно двоумење“, каде што се посочува и дека според римската максима кога постои само сомнеж подобро е виновен да помине неказнето отколку невин да биде осуден.

Начелото in dubio pro reo може да се проследи наназад до делото Problemata, кое се смета дека го напишал Аристотел (384 – 322 п.н.е.). Во поглавјето на ова дело насловено „Проблеми поврзани со правдата и неправдата“ пишува: „Понатаму, во случај на пример еден човек да е обвинет за ропство или за убиство, секој од нас би претпочитал да се донесе пресуда со која се ослободува злосторникот отколку да се осуди некој за виновен, а всушност да е невин. Затоа ние треба да претпочитаме да ослободиме едно такво лице, иако обвиненијата покренати против него од страна на неговиот обвинител биле вистина, наместо да го осудиме, ако тие биле невистина; кога постои какво било двоумење, треба да се претпочита помалата сериозна грешка; да се ослободи еден роб е сериозна работа, но многу посериозно е да се осуди еден слободен човек на ропство“ – „Двојба во корист на обвинетиот, виновен надвор од разумно двоумење“.

Денешната дискусија е за еден од најважните процедурални аспекти во кривичното право и се надеваме дека публикацијата ќе претставува корисна алатка на правните практичари за осигурување правичност во секојдневните практики“, рече во својот воведен говор претставникот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Гонзало де Чезаре.

За професорот Гордан Калајџиев од Правниот факултет „Јустинијан Први“,  модерната казнена постапка е заснована врз сериозно сомневање и недоверба во можноста секогаш да се утврди вистината, како и можните  злоупотреби. Тоа, истакна професорот Калајџиев на денешниот настан, подразбира од самиот почеток да не се воведе никој во постапка без  да има доволно докази против него, а особено не да се осуди доколку тоа не е навистина докажано со голем степен на сигурност.

„Тоа се гаранции што ги имаме во модерната постапка и од тука потекнува вредносната определба на либералното казнено право, изразена преку максимата – подобро е десет виновни да не бидат осудени, отколку еден невин да страда“, нагласи Калајџиев.

На денешната конференција учествуваа домашни, регионални и меѓународни правни експерти и правните практичари – судии, адвокати и обвинители.

„Целта е да се претстави истражувањето на оваа тема и да се овозможи понатамошна дискусија помеѓу правните експерти и практичари што ќе резултира со објавување на конечни препораки и заклучоци кои ќе бидат испратени до Министерството за правда за поттикнување на понатамошни правни измени и дополнувања во Законот за кривична постапка, Законот за судии, Кривичниот законик и други значајни закони“, истакнуваат од Здружението за кривично право и криминологија.

Предавачи на конференцијата беа обвинителот Џанфранко Гало, чие предавање е со специјален фокус на ретроспективата на принципот In dubio pro reo и пресумпцијата на невиност и принципот in dubio pro reo, потоа судијата Зоран Димитриевски, кој говореше за принципот in dubio pro reo денес, степенот на сомнеж и принципот in dubio pro reo како основа за жалба, како и судијата Радмила Драгичевиќ Дичиќ која се осврна на опсегот и времето на примена на принципот in dubio pro reo, законитоста на доказите, слободна проценка на доказите и расудувањето на судот.

На конференцијата, исто така, говореше и адвокатот Мајкл Џ. Карнавас, чие предавање е со специјален фокус на размислувањето на Витман за потеклото на стандардот надвор од разумно сомневање; товарот на доказите; стандардите за докажување на ЕСЧП; дефиниција на стандардот надвор од разумното сомневање во англосаксонскиот свет. Адвокатката Ружица Николовска се осврна на правичната постапка, како и за обичајното право во домашните судови и на ЕСЧП. На конференцијата свои излагања имаа и американски, британски и холандски експерти, судии и професори.

На денешниот настан беше заклучено дека нема сомнение оти најтешката и најодговорна задача на судијата во кривичната постапка е одлучувањето за фактите. За да биде во можност да донесе пресуда во однос на кривичната одговорност на обвинетиот и евентуално да одреди соодветна казна, судијата мора да одлучи за фактите кои се случиле во минатото.

„Фактичката состојба врз основа на која судот ја темели својата одлука, или со други зборови, фактите што судот ги користи за да одговори на прашањето дали е сторено кривично дело, кој е сторителот и дали треба да се применат соодветните казнени одредби од материјалниот кривичен закон, мора да бидат докажани точно и целосно“, се нагласува во истражувањето „Двојба во корист на обвинетиот, виновен надвор од разумно двоумење“.

Сепак, се додава во истражувањето, како резултат на ограничените човекови познавања и несовршеноста на изворите на информации, судијата има навистина тешка задача при одлучување за фактите. Често, и покрај севкупната детална анализа и оцена на резултатите од доказната постапка, судијата и понатаму може да остане нецелосно убеден во постоењето на одреден факт и не може да одлучи дали одреден факт треба да се смета за докажан или не.

„Имајќи ги предвид овие околности, кривичната теорија и практика имаат изнајдено решение за ваквата состојба – начелото на in dubio pro reo и стандардот на докажување вина од страна на обвинителот надвор од разумно двоумење. Ова начело и овој стандард се водилка за судијата на тешкиот и одговорен пат на одлучување за фактите. Тие му го покажуваат на судијата патот во кој нема да има двојба и му помагаат да не навлегува во сфери што се вон дофат за да не се обидува да го дефинира непознатото по секоја цена и непознатото насила да го претвора во познато. На тој начин се штити судијата од евентуални грешки, произволности и самоволие“, се истакнува во истражувањето „Двојба во корист на обвинетиот, виновен надвор од разумно двоумење“.

„Добрите луѓе насекаде ја фалат презумпцијата на невиност. Без разлика дали се Французи, Германци или Американци, тие се согласуваат во однос на барањето на презумпцијата во практика. И тука и во странство, барањето на државата за кривично санкционирање бара и висок степен на докажаност дека обвинетиот го сторил кривичното дело за кое е обвинет. За да го изразат потребниот стандард на докажување, правниците во земјите со обичајно право зборуваат за должноста на јавниот обвинител да го докаже својот случај надвор од разумно двоумење. И правниците во земјите со континентално право се повикуваат на максимата in dubio pro reo – начелото што бара оние што одлучуваат за фактите да ослободат ако се двоумат“, Џорџ Флечер, Два вида законски правила: компаративна студија за практики на товарот на докажување во кривични случаи.

„НЕПРАВОТО НЕ СМЕЕ ДА СТАНЕ ПРАВО“ – Кривичарите дискутираа за правните дилеми поврзани со конфискацијата на имот и имотна корист

М.В