/ Прочитано:

3.754

Меѓународната организација на трудот и заложбите за работничките права и социјалната правда како гаранција за универзален мир

Меѓународната организација на трудот (МОТ) со седиште во Женева е основана на 11 април 1919 година, како дел од Версајскиот договор за завршување на Првата светска војна и одраз на верувањето дека универзалниот и траен мир може да се постигне само ако се заснова врз социјална правда.

Денес Меѓународната организација на трудот (МОТ), како агенција на Обединетите нации, е посветена на подобрување на можностите за жените и мажите да добијат пристојна и продуктивна работа, во услови на слобода, еднаквост, сигурност и човечко достоинство.

Главните цели се унапредување на правата на работа, охрабрување на можностите за пристојно вработување, подобрување на социјалната заштита и зајакнување на дијалогот во решавањето на прашањата поврзани со работата.

МОТ е единствената „трипартитна“ агенција на Обединетите нации што ги спојува претставниците на владите, работодавачите и работниците, со цел заедничко креирање на политиките и програмите. МОТ е глобално тело одговорно за изготвување и следење на меѓународните стандарди на трудот.

Основната цел на МОТ, декларирана при нејзиното основање, е глобалното ширење на човечки работни услови и борба против неправдата, тешкотиите и сиромаштијата. Во 1944, врз основа на прокламираните цели, МОТ ја донесе  Декларацијата од Филаделфија, во која се утврдуваат основните човечки и економски права во согласност со принципот дека „сиромаштијата на едно место претставува опасност за напредокот на цел свет“.

Меѓународната организација на трудот (МОТ) е основана како одраз на верувањето дека универзалниот и траен мир може да се постигне само ако се заснова врз социјална правда

Во 1946 година, МОТ стана првата специјализирана агенција поврзана со новооснованата Организација на Oбединетите нации. За својата 50-годишнина во 1969 година, МОТ беше наградена со Нобелова награда за мир.

Друг важен датум за МОТ е 1998 година, кога делегатите на Меѓународната конференција на трудот ја донесоа Декларацијата за основните принципи и права на работа. Овие принципи и права се права на слобода за здружување и колективно договарање и елиминирање на детскиот труд, принудниот труд и дискриминацијата поврзана со вработување.

Гарантирањето на овие основни принципи и права на работа, во согласност со Декларацијата, е важно, бидејќи им овозможува на луѓето „да бараат слободно и врз основа на еднаквите можности, правичен удел во приходот што тие помогнале да се заработи и да постигнат целосен човечки потенцијал“.

Една од клучните цели на МОТ е пристојната работа. Работата, истакнуваат од МОТ, е од суштинско значење за благосостојбата на луѓето. Покрај остварувањето приход, работата може да го отвори патот кон посеопфатен социјален и економски напредок, зајакнување на поединецот, неговото семејство и заедницата.

„Меѓутоа, таквиот напредок зависи од пристојната работа. Пристојната работа претставува збир на желбите на луѓето во нивните работни животи. Вклучува можности за работа што е продуктивна и носи правичен приход, сигурност на работното место и социјална заштита за семејствата. Пристојната работа значи подобри изгледи за личен развој и социјална интеграција и слобода за луѓето да ги изразат своите проблеми, да се организираат и да учествуваат во носењето на одлуките што имаат влијание врз нивните животи. Вклучува еднакви можности и третман за сите жени и мажи“, истакнуваат од МОТ.

Пристојната работа, нагласуваат во таа насока од Организацијата, е клучот за искоренување на сиромаштијата. Доколку жените и мажите имаат пристап до пристојна работа, тие може да ги делат придобивките од зголемената меѓународна економска интеграција. Зголемувањето на можностите за пристојна работа за повеќе луѓе е суштински елемент во креирањето повклучителна и поправедна глобализација. Создавањето услови за пристојно вработување мора да биде суштински елемент во политиките  на развој.

Покрај прашањето за пристојна работа, МОТ е посветена и на прашањата за социјалниот дијалог и стандардите на трудот. Социјалниот дијалог, велат од МОТ, е флексибилна алатка за остварување на економските и социјалните цели. Суштинските стандарди на трудот се основно начело за пристојна работа.

МОТ се залага и за слободата на здружување која е потпора за социјалниот економски напредок и  се справува и сo сите аспекти на принуден и детски труд. Борбата против дискриминацијата, исто така, е една од заложбите на МОТ. Дискриминацијата, нагласуваат од МОТ, ги намалува  можностите и води до губење на талентот на луѓето што е потребен за економски напредок.

Меѓународната организација на трудот се фокусира и кон економските и социјалните политики на вработувањето, платите и другите услови за вработување, социјалната заштита и социјалното осигурување.

„Никогаш немало толку голема потреба за насочување на економските и социјалните политики на вработувањето“, истакнуваат од МОТ, која става посебен акцент на развојот и примената на превентивната култура за безбедност и здравје на работните места ширум светот.

Од клучно значење за активностите на МОТ се и конвенциите и конвенциското право кои се однесуваат на слобода на здружување и ефективно признавање на правото на колeктивно договарање, елиминирање на сите форми на принудна и задолжителна работа, ефективно укинување на детскиот труд и елиминирање на дискриминацијата при вработување и занимање. Република Македонија е членка на МОТ од 1993 година и како членка има ратификувано бројни конвенции на Меѓународната организација на трудот.

М.В