/ Прочитано:

1.277

Меѓуресорска работна група ќе ги детектира законските измени за реформите за следење на комуникациите

Пратениците Фросина Ременски  од СДСМ и Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ да бидат членови на меѓуресорската група, одлучи денеска Собраниската комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање.

Комисијата  на денешната седница едногласно ја поддржа потребата за формирање меѓуресорска работна група за изготвување и следење на имплементацијата на Планот за реализација на препораките на групата високи експерти за системските прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите. Меѓуресорската работна група треба да продолжи со процесот на реформи во системот за следење на комуникациите, а потоа ќе следуваат и реформи во делот на безбедносните служби.

Како што посочи на седницата министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, надлежност на меѓуресорската работна група ќе биде изработка на план за целосна реализација на препораките на групата високи експерти за системските прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите и координирање на активностите утврдени во планот. Комисијата ќе ги детектира  сите законски и подзаконски решенија и акти кои треба да бидат изменети и променети за таа цел.

„Во државата е започнат процес во чија прва фаза беше извршена анализа на состојбите во системот за следење на комуникациите во безбедносните служби што ги даде сите потребни предлози и решенија. Со Планот ‘3-6-9’ за реформи, усвоен од Владата, се наметнува потребата од ефикасно спроведување на приоритетите од кои еден од клучните е и реформата во системот за следењето на комуникациите. Сметаме дека инклузивноста и транспарентноста во процесот на овие реформи се една од најважните алки за да имаме успешна реформа во овој сегмент што ќе придонесе да ги искористиме најдобрите европски практики и ќе создаде законски, технички и човечки капацитети, со цел можноста за злоупотреба на системот да биде сведена на најниско можно ниво. Неопходно е во меѓуресорската работна група да има и претставници на Собранието, покрај од МВР, Министерството за финансии, Царинската управа, Управата за финансиска полиција, Јавното обвинителство, судството, МИОА“, истакна на денешната седница министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Според Спасовски, реформите на системот за следење на комуникациите треба да се одвиваат на начин што, пред сè, ќе гарантира независна и експертска контрола, која ќе се спроведе преку зајакнување на капацитетите за собраниски надзор, но и воспоставување нови механизми за цивилна и експертска контрола. Со реформата се предвидува отстранување на посредничката улога на Управата за безбедност и контраразузнавање и елиминирање на секоја можна злоупотреба.  Во почетна фаза е и реформата на Управата за безбедност и контраразузнавање преку која ќе се гарантира дека Управата ќе го врати својот углед на професионална и реномирана служба. Основни цели на оваа реформа се: професионалност, департизација и транспарентност.

М.В