/ Прочитано:

593

Меморандум за соработка меѓу Правниот факултет во Штип и Академијата за судии

Понеделник, 22 декември 2014 – Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Академијата за судии и јавни обвинители денеска во Штип ќе потпишат Меморандум за соработка.

Документот ќе го потпишат директорката на Академијата Анета Аранудовска и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ Саша Митрев, а целта е промоција на улогата на Академијата за судии и јавни обвинители за влез во судската и јавно обвинителската професија.

Со потпишувањето на овој Меморандум започнува процесот на продлабочување и зајакнување на соработката помеѓу Академијата и Универзитетите во државата, а  сé со цел преку промоцијата на професиите судија и јавен обвинител да се регрутираат најдобрите студенти од правните факултети кои потоа својата професионална реализација ќе ја продолжат во  Академијата за судии и јавни обвинители.

Во рамки на потпишувањето на  Меморандумот и отпочнувањето на кампања за промоција на функциите судија и јавен обвинители, слушателите на Програмата за почетна обука од петтата генерација во Академијата, кои во моментов се на практична настава, ќе изведат симулирано судење во новата современа модел – судница која се наоѓа на Правниот факултет при Универзитетот Гоце Делчев.

Судницата е опремена  од страна на УСАИД, Агенцијата на САД за меѓународен развој, Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите при Стејт Департментот на САД и Мисијата на ОБСЕ во Македонија.