/ Прочитано:

1.256

Месечен извештај на Хелсиншкиот комитет за состојбата со човековите права

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за мај 2017 година опфаќа теми од областите: Специјално јавно обвинителство, правосудство, дискриминација, семејно насилство и текстилни работнички.

Во месечниот извештај поконкретно се говори за укинувањето на решенија за притвор од Врховниот суд во случајот „Труст“ на СЈО, отворените три нови истраги на СЈО, неразумното траење на притворот на новинарот Зоран Божиновски и утврдена повеќекратна дискриминација во пристап до вработување.

Јавното обвинителство на Република Македонија и Врховниот суд на Република Македонија, велат од Хелсиншкиот комитет, мора да престанат да се замешуваат во автономијата и стварната надлежност на Специјалното јавно обвинителство.

„Имајќи ја предвид експедитивноста на истрагата на СЈО и обемните докази приложени со барањето за привремена мерка – забрана за неотуѓување на недвижен имот, не треба да постои колебање од страна на Кривичниот суд за прифаќање на ваквото барање кое е круцијално за ваква постапка. Особено поради тоа што целта на ваквата привремена мерка која произлегува од доказите на истрагата е веројатноста дека до крајот на кривичната постапка ќе биде особено отежнато или оневозможено одземањето на имотот или предметите“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Очекуваме, додаваат од Комитетот, итно укинување на притворот на новинарот Зоран Божиновски, а на новинарот Божиновски безусловно да му се дозволи да се брани од слобода.

„Имајќи го предвид фактот дека многу огласи за вработување во себе содржат ограничувачки и дискриминаторски елементи, Хелсиншкиот комитет го поздравува ваквото мислење на Комисијата за заштита  од дискриминација и смета дека тоа треба да биде поттик и охрабрување сите оние што сметаат дека биле дискриминирани во пристапот до вработување тоа да го пријават во иднина. Дополнително упатуваме апел до Комисијата за заштита од дискриминација и во иднина да продолжи во оваа насока, со цел во рамките на своите надлежности еднакво да ги заштити сите граѓани во пристапот до вработување“, се вели во месечниот извештај во однос на случајот на утврдена повеќекратна дискриминација во пристап до вработување.

Исто така, во месечниот извештај се нотира дека Основниот суд во Виница додели деца на чување и воспитување кај осуден насилник. Хелсиншкиот комитет изразува загриженост за континуираната недоследна и неправилна примена на законите од Основниот суд во Виница во предметите ВПП2-3/16 и П2 17/16 и апелира во иднина доследно и прецизно да се применуваат законските одредби во водењето на постапките и материјалното одлучување.

Во однос на прашањата поврзани со правата на текстилните работнички во Штип, Хелсиншкиот комитет констатира дека Инспекторатот и работодавците се на иста страна. Правата, обврските и овластувањата на Државниот инспекторат за труд, велат од Комитетот, се предвидени во Законот за инспекциски надзор и тие мора да се почитуваат. При вршење на надзор, надлежниот инспекторат мора да ја води постапката во согласност со овој закон, изготвувајќи записник и донесувајќи решение доколку констатира повреди и неправилности со предвидување на рок за нивно отстранување. Секое непостапување во согласност со овој закон подлежи на одговорност и е основа за поведување на постапка за дисциплинска одговорност на инспекторот.

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк.

М.В