/ Прочитано:

799

МИГРАНТИ: Евидентирани првите 13 барања за азил во Македонија

Петок, 3 јули 2015 – Регистрирани се првите 13 барања за азил во Македонија откако стапија на сила измените и дополнувањето на Законот за азил и привремена заштита.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР), барањата се однесуваат на 17 лица, од кои 13 возрасни и 4 деца, шест мажи и седум жени. Сите се од Сирија, на возраст од 19 до 57 години.

 Заклучно со осум часот утрината, во изминатото деноноќие МВР издало 992 нови потврди за искажана намера за поднесување барање за признавање право на азил на странските државјани кои илегално влегуваат на нашата територија. Вклучувајќи ги и овие, во периодот од 19.6.2015 до 3.7.2015 издадени им се потврди на вкупно 7.386 странски државјани, од кои 5.786 се од машки пол, 939 се од женски пол, 651 дете кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште десет деца на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување барање за признавање право на азил.

Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија (4.863), Авганистан (698), Ирак (440), Пакистан (337), Сомалија (268), Конго (238) и Палестина (195), додека останатите се во помал број.

До 17 часот вчера, три мобилни екипи на Црвениот крст им укажале прва помош на околу 360 лица на железничките станици во Гевгелија и Табановце, околу 200 интервенции на лицата во Гевгелија и околу 120 интервенции на лицата во Табановце. Дистрибуирани се и 360 шишиња вода и осум пакувања пелени на граничниот премин и 54 шишиња на железничката станица во Гевгелија. Реализиран е транспорт на две деца и тројца возрасни до Општата болница во Гевгелија од каде што, по укажаната помош, се вратени на железничката станица.

Во текот на денот Министерството за здравство извршило дезинфекција на вагони во Куманово, на површина од 800 метри квадратни и на чекална и перон на површина од 100 метри квадратни, потоа дезинфекција на вагони во Табановце на површина од 400 метри квадратни, дезинфекција на вагони во Скопје на површина од 800 метри квадратни и дезинфекција на 1.300 метри квадратни површина на железничката станица и автобуската станица во Гевгелија.

Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за денеска се евидентирани вкупно 44 баратели на азил, од кои 28 мажи, 10 жени и 6 малолетни лица со придружба на старател. Од вкупниот број присутни, тројца се со повреди на долните екстремитети (двајца мажи и една жена), додека бремени жени и малолетни лица без придружба на старател нема.