/ Прочитано:

1.760

МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 300 ЕВРА: Сите би поддржале вакво решение, но премногу е рано за тоа да биде реално

Во денешното претставување на измените пред собраниската Комисија за труд и социјална политика, Трајанов истакна дека доколку се зголеми минималната плата од 10.080 на 18.080 денари, ќе се отвори расправа за тоа колку се платени вработените во нашата земја, но и за тоа како е можно во другите држави, земји-членки на Европската унија, за истата работа вработените да бидат платени неколкукратно повеќе.

pari

Ниските плати не ги мотивираат вработените, негативно влијаат на продуктивноста и на иновациите, младите и креативни кадри заминуваат од земјата, се дел од аргументите на пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз поради кои тој пред Собранието предложи измени и дополнувања на Законот за минимална плата.

Во денешното претставување на измените пред собраниската Комисија за труд и социјална политика, Трајанов истакна дека доколку се зголеми минималната плата од 10.080 на 18.080 денари, ќе се отвори расправа за тоа колку се платени вработените во нашата земја, но и за тоа како е можно во другите држави, земји-членки на Европската унија, за истата работа вработените да бидат платени неколкукратно повеќе.

„Странските компании во Македонија имаат огромни погодности и буџетски додатации за плаќање на придонеси за вработените, даночни и царински ослободувања, а им исплаќаат на вработените плати од 130 евра. Просечната плата на вработените во слободните економски, царински и индустриско-технолошки зони изнесува 260 евра или помалку, за над 100 евра во однос на просечната плата во Република Македонија“, истакна Трајанов.

trajanov-333.jpg

Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Благоја Деспотовски, предлогот на Трајанов е во ред, но предложен во време на избори не дава сигурност дека вистински ќе се имплементира.

„Ние, како членови на ВМРО-ДПМНЕ, би сакале повисоки плати за сите граѓани. Ние и досега постојано сме воведувале мерки за вработување. Ние го донесовме и Законот за минимална плата. Но, сметам дека пред да поддржиме вакво решение, треба да постигнеме долгорочен економски раст и економска стабилност за да може да се зголеми минималната плата до нивото кое го предлага Трајанов“, рече Деспотовски.

Според Маријанчо Николов од СДСМ, колегата од владејачката партија не дал ниту еден конкретен аргумент кој се однесува на предложените измени. Тој истакна дека би било добро да се поддржи Законот во прво читање со цел во понатамошната постапка на донесување на Законот да бидат предложени амандмани со кои ќе се подобри неговиот текст и понудените измени ќе станат реални.

„Точно е дека 18.000 денари е голем предизвик за сите, а пред сѐ за нашата економија, но тоа не значи дека веднаш треба да биде отфрлен предлогот. Пред сѐ треба да се консултираат и компаниите колку се финансиски моќни за да ги издржат ваквите решенија. Но, не е во ред да се држите до Законот за минимална плата, кој е веќе донесен, и да мислите дека таа е во ред и истовремено да ја промовирате Македонија како економски најразвиена земја“, реплицираше Николов.

Николов и Трајанов се согласуваат дека државата треба да почне да ги стимулира домашните компании да отвораат работни места, но и да гарантираат повисока плата за работниците, а странските инвеститори да се обврзат да исплаќаат повисоки плати.

Комисијата за труд и социјална политика ги одби предлог-измените и не го даде Законот во понатамошна процедура.

Иако Законот нема да продолжи на комисиска расправа, за Собранието да се изјасни за него, ќе биде ставен на дневен ред на пленарна седница, на која, како што вели Трајанов, и јавно ќе се слушнат аргументите на сите што се за или против измените што ги предлага тој.