/ Прочитано:

724

Министерот за правда Јашари во работна посета на Косово

Петок, 5 септември 2014 – Делегација од Министерството за правда на Република Македонија предводена од министерот Аднан Јашари денеска престојуваше во еднодневна посета на Република Косово, каде оствари средба со косовскиот министер за правда Хајредин Кучи, со претседателот на Судскиот совет и со претседателот на Советот на јавни обвинители.

„Неспорен е фактот дека во современиот свет организираниот криминал и корупцијата не познаваат граници, при што криминалците ја злоупотребуваат постоечката ситуација и успешно го избегнуваат казнено гонење, особено кога се има предвид дека криминалците ги избегнуваат казните дури и за најтешките кривични дела“, рече Јашари

Со тоа, додаде тој, се доведуваат во прашање превентивната и репресивната функција на казненото право и меѓународната и регионална правна соработка за спречување на криминалот и обврските на државата од меѓународните инструменти.

Според Јашари, ваквата состојба не е во интерес ниту на една држава, а особено имајќи во предвид дека и Република Македонија и Република Косово имаат заеднички аспирации за зачленување во Европската унија.

„Токму затоа клучен приоритет на земјите од регионот е сузбивање на криминалитетот по пат на склучување на билатерални договори од кривична материја“, рече Јашари.

Во таа насока, додаде министерот Јашари, Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово се договорија за склучување на три билатерални договори за взаемна правна помош, за екстрадиција и за трансферот на осудени лица.

„Со овие договори се овозможи зајакнување на меѓународната соработка во кривичната материја особено во областа на справување со криминалот, ќе се зајакнат капацитетите на институциите за справување со ова зло, ќе се овозможи брза и ефикасна судска постапка, со што едновремено ќе се одговори на проблемите што двете држави ги имаат во гонење на криминалитетот“, истакна Јашари.

Трите договори беа потпишани на 8 април 2011 година во Приштина, а се ратификувани од Собранието на Република Македонија и стапија во сила на 24 јуни 2012 година.

„Од двегодишната примена на гореспоменатите договори слободно можеме да кажеме дека соработката во меѓусебната правна помош во кривичната област се одвива без посебни забелешки. Но тука не застана нашата соработка имајќи го во предвид фактот дека се работи за две соседни држави, каде правниот сообраќај е мошне развиен, каде што постои испреплетување на семејни, брачни, имотни, алиментациони и други односи кои не секогаш доведуваат и до спорови, се јави потреба од регулирање на овие односи со склучување на билатерален Договор помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за правна помош во граѓански предмети“, рече Јашари.

Досегашната соработка, како што рече министерот за правда, меѓу двете држави во областа на меѓународна правна помош во граѓански предмети се одвиваше по дипломатски пат преку Министерството за надворешни работи врз основа на принципот на реципроцитет.

Со оглед дека дипломатскиот пат на комуникација е поскап и побавен, на престојните средби двете делегации се договорија да се покрене иницијатива за склучување на билатерален договор кој ќе ја регулира граѓанската материја.

Преговорите за склучување на договорот се одржаа на 5 март 2014 година во Приштина и 17 април 2014 година во Скопје, на која учествуваа експертските групи од министерствата за правда на двете држави.

Од наша страна, рече Јашари, постои волја да следи набргу парафирање на договорите со цел за нивно потпишување од министрите за правда, така што со потпишувањето на билатералниот договор во граѓанската област ќе се заокружи правната рамка меѓу двете држави во областа на меѓународна правна помош.