/ Прочитано:

968

МИНИСТЕРСТВО ЗА ФИНАНСИИ: Да се одложи примената на задолжителната задолжница

Четврток, 18 декември 2014 – Министерството за финансии бара одлoжување на примената на задолжителната задолжница и за таа цел предлага измени и дополнувања на Законот за задолжница, со што оваа мерка се одлага за 1 април 2015 година.

Централен регистар да го прилагоди системот на задолжници

„Согласно Законот за задолжница од 01.01.2015 година треба да започне задолжително издавање на задолжници на износ над 300.000 ден. Со измените на Законот се предлага издавање на кумулативна задолжница за што е потребно Централен регистар да го прилагоди системот на задолжници за што му треба 3 месеци. Од тие причини потребно е одлагање на примената на задолжителната задолжница“, се вели во образложението на Министерството.

Мнозинството компании не се за воведување на задолжителна задолжница

Денеска и заменик-претседателот на Сојузот на стопански комори, Сеад Кочан, изјави дека побарале пролонгирање на примената на задолжницата затоа што законот имал доста технички аномалии, односно работи коишто, како што вели, немало да бидат во можност да се спроведат.

„Министерството за финансии е на став дека треба да има задолжителна задолжница. Мислењето на мнозинството компании е да не се воведува задолжителна задолжница, меѓутоа и доколку се воведе, тогаш таа мора да биде прилагодена да не му наштети на секојдневното работење на компаниите“, смета Кочан.

Кумулативна задолжница за се избегне честото одење на нотар

Дополнително, во законските измени кои ги предлага Министесртвото за финансии се воведува кумулативна задолжница со цел, како што се вели во предлогот, да се избегне честото одење на нотар за издавање задолжници за секоја поединечна трансакција и да се избегне зголемувањето на трошоците, а со тоа и на техничко административните ресурси на фирмите, со кумулативната задолжница ќе се овозможи со едно одење на нотар да се покријат сите трансакции меѓу двете фирми во период од најмногу една година.

Ако фирмата должник плати авансно или во рок од пет дена – задолжница нема да биде потребна

Исто така, новина е и тоа што ако фирмата должник плати авансно или во рок од пет дена по настанување на обврската за плаќање – задолжница нема да биде потребна.

„Овој инструмент за обезбедување на наплата не е потребен и кај должничко-доверителски односи со банки, осигурителни и лизинг компании“, образложуваат од Министерството за финансии.

>>>Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за задолжница 

М.В/veljanoskim@akademik.mk