/ Прочитано:

1.618

МИНИСТЕРСТВО ЗА ПРАВДА: Донесувањето на Закон за пробација е нужност

Четврток, 27 август 2015 – Системот на извршување на алтернативните мерки, како што е поставен со Кривичниот законик од 2004 година и со Законот за извршување на санкциите од 2006 година е многу комплициран односно во извршувањето на мерките се инволвирани повеќе органи, со многу сложена процедура на извршувањето на санкциите и мерките, поради што не ги даде посакуваните резултати и неопходно се јави потребата да се донесе Закон за пробација кој понатаму меѓудругото ќе го уреди извршувањето на алтернативни мерки, образложува Министерството за правда во известувањето за почеток на процесот за подготовка на Предлог- закон за пробација.

„Како дел од реформата на казнено-правниот систем на Република Македонија е предвидена и реформа на системот за извршување на санкциите со воспоставување на пробациска служба во државата, со што ќе се овозможи практична имплементација на алтернативните начини на казнување на сторителите на кривични дела на слобода (во заедницата). Со Предлог законот за пробација ќе се даде основа за создавање на служба за пробација која што со сторителите на кривични дела ќе постапува на еден структуриран начин во сите фази на кривично правната постапка“, посочуваат од Министерството.

Во јули, годинава, се одржа и јавна дебата  посветена на востановување на систем на пробација во Македонија на која учествуваа претставници на Министерството за правда, Управата за извршување  санкции, како и експерти од земјава и странство. 

Како главна цел на законското решение беше посочено растоварување на затворите и обезбедување на поширока примена на различни санкции.  

Според нацрт-законот, кој беше презентиран на овој настан, судиите, покрај досегашните санкции, ќе имаат можност да изрекуваат и куќен затвор, условна осуда со заштитен надзор, како и општокорисна работа. Лишувањето од слобода треба да биде последен избор, беше констатирано на дебатата. 

>> НАЦРТ-ЗАКОН ЗА ПРОБАЦИЈА 

>> Куќен затвор, условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа… – што предвидува НАЦРТ-ЗАКОНОТ ЗА ПРОБАЦИЈА 

>> ПРОБАЦИСКА СЛУЖБА: Електронски алки за лицата со изречена казна куќен затвор или мерка притвор