/ Прочитано:

1.092

МИНИСТЕРСТВО ЗА ПРАВДА: И јавните обвинители чии брачни другари се испратени во дипломатија може да „мируваат“

Четврток, 25 септември 2014 – Во Законот за Јавното обвинителство постои правна празнина за мирување на функцијата јавен обвинител на оние јавни обвинители на кои брачниот другар бил упатен во дипломатско конзуларно претставништво на Република Македонија, во меѓународна владина организација или во меѓународна правосудна институција, велат од Министерството за правда.

Од тие причини, како што образложуваат од таму, се наметнува потребата од дополнување на Законот за Јавното обвинителство. Министерството за правда веќе подготвило изменување и дополнување на Законот за Јавното обвинителство и оваа „правна празнина“ ќе ја пополни со одредба  која гласи:

„(1) Ако брачен другар на јавен обвинител е упатен на работа во дипломатско конзуларно претставништво на Република Македонија, во меѓународна владина организација или меѓународна правосудна институција, по негово барање може да му мирува јавно-обвинителската функција за времето додека неговиот брачен другар ја врши должноста на која е упатен.

(2) По истекот на мандатот за кој е упатен, избран или именуван брачниот другар на јавниот обвинител во институциите од ставот (1) на овој член, јавниот обвинител има право да се врати во јавното обвинителство во кое бил избран.

(3) Решение за мирување на функцијата јавен обвинител од ставот (1) на овој член донесува Советот на јавни обвинители на Република Македонија.“

Истот така, од Министерството за правда предлагаат дополнување и на Законот за судовите бидејќи, како што велат, и таму постои правна празнина за мирување на функцијата судија на оние судии на кои брачниот другар бил упатен во дипломатско конзуларно претставништво на Република Македонија, во меѓународна владина организација или меѓународен суд.

 (M.В)