/ Прочитано:

3.650

Министерството за финансии започна со исплата на субвенциите

Министерството за финансии започна со исплата на субвенциите на земјоделците, веднаш по објавување на одлуката на Уставен суд во „Службен весник на РМ“ со која ги отстранува законските пречки за исплата. Во соопштението се наведува дека се исплатени 463 милиони денари субвенции во рамки на кои целосно се намирени обврски за субвенции заклучно со 2015 година, односно за фуражни култури, житарки, ориз, градинарство, овошни насади, лозови насади, говеда, несилки, млеко, органско производство и рурален развој. Во рамки на исплатената сума се и 364 милиони денари субвенции за 2016 година за млеко и оризова арпа.

Кабинетот на министерот за финансии денеска соопшти дека Министерството започна со исплата на субвенциите на земјоделците, веднаш по објавување на одлуката на Уставен суд во „Службен весник“ со која ги отстранува законските пречки за исплата.

Во соопштението се наведува дека се исплатени 463 милиони денари субвенции во рамки на кои целосно се намирени обврски за субвенции заклучно со 2015 година, односно за фуражни култури, житарки, ориз, градинарство, овошни насади, лозови насади, говеда, несилки, млеко, органско производство и рурален развој. Во рамки на исплатената сума се и 364 милиони денари субвенции за 2016 година за млеко и оризова арпа.

„Министерството за финансии остана доследно на спроведување на законската регулатива, и покрај бројните шпекулации во изминатиов период. Веднаш штом се создаде законска можност, Министерството за финансии започна со исплата на субвенциите кон земјоделците“, се вели во соопштението од Кабинетот на министерот за финансии.

„По официјално објавување на одлуката на Уставен суд во ‘Службен весник’, таа стапува во сила и Министерството за финансии ќе пристапи кон исплата на субвенциите во согласност со динамиката предложена од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој“ – истакнаа од Министерство за финансии.

Инаку, вчера Уставниот суд донесе одлука со која ги укина одредбите од Изборниот законик со кои беше забранета исплатата на субвенциите за земјоделство до формирање на нова Влада.

Во однос на одредбата од член 8-а став 2 алинеја 1 од Изборниот законик, од нејзината содржина произлегува дека со неа законодавецот забранил да се исплаќаат субвенции кои не се редовни месечни исплати во периодот од 20 дена пред започнувањето на изборна кампања, па до завршувањето на изборот за претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија во согласност со резултатите од изборите и до завршувањето на изборите за избор на градоначалник или членови на Советот, односно до конституирањето на Советот на општините и градот Скопје. Субвенциите од областа на земјоделството се предмет на уредување на Законот за земјоделство и рурален развој („Службен весник на Република Македонија“ бр. 49/2010, 53/2011, 126/2012, 15/2013, 106/2013, 177/2014, 25/2015, 73/2015, 83/2015, 154/2015, 11/2016, 53/2016, 120/2016 и 163/2016).

Во членот 3 од овој закон се утврдени целите на националната земјоделска политика кои се насочени кон:

– обезбедување на стабилно производство на квалитетна и поевтина храна и обезбедување на населението со доволни количини храна,

– зголемување на конкурентната способност на земјоделството,

– обезбедување на стабилно ниво на доход на земјоделското стопанство,

– одржлив развој на руралните подрачја и

– оптимално искористување на природните ресурси со почитување на начелата за заштита на природата и животната средина.

Во ставот 2 на овој член од Законот е утврдено дека целите од ставот (1) на овој член се остваруваат преку мерки и инструменти на политиките за:

1) уредување и поддршка на земјоделски пазари;

2) директни плаќања и

3) рурален развој.

Субвенциите, за кои Законот го користи терминот директни плаќања, во членот 47  се дефинирани како мерка за поддршка на доходот на земјоделските стопанства и на откупувачи на земјоделски производи запишани во регистарот од членот 33 од овој закон. Директните плаќања се исплаќаат на земјоделските стопанства и тоа по површина земјоделско земјиште, единица земјоделски производ и грло добиток, а на откупувачи на земјоделски производи запишани во регистарот од членот 33 од овој закон за откупени земјоделски производи. Висината на директните плаќања од ставот 2 на овој член се утврдува во зависност од видот на културата, видот, класата и квалитетот на земјоделскиот производ и видот на добитокот. Во согласност со членот 61 од Законот, исплатата на директните плаќања не може да се изврши пред да се утврди дека корисникот ги исполнува условите за доделување на директни плаќања.

Исплатите се вршат директно на земјоделските стопанства, во тековната календарска година, или во случај на недостаток на финансиски средства или поради продолжено траење на административните постапки од објективни причини, најдоцна до 30 јуни следната календарска година. Од наведеното произлегува дека субвенциите претставуваат економски трансфери од буџетот кои првенствено имаат за цел да го поттикнат развојот на определени стопански дејности преку директни плаќања на субјектите вршители на тие дејности (како на пр. земјоделските производители). Иако нивната намена е првенствено економска, несомнено дека како облик на материјална помош имаат и социјална функција за заштита на стандардот на определени категории граѓани кои се нивни корисници. Оттука и забраната за исплата на субвенциите којашто е пропишана со оспорената одредба од членот 8-а став 2 алинеја 1 од Изборниот законик, според Судот, претставува ограничување на правата на граѓаните кои се корисници на субвенциите и коишто ова право го стекнуваат врз основа на исполнување на определени услови и во постапка пропишани со закон. Со оспорената забрана за исплата на субвенциите се доведува во прашање остварувањето на легитимните очекувања на оваа категорија граѓани кои веќе инвестирале во земјоделското производство и легитимно очекувале дека дел од вложените средства и капитал ќе им биде вратен преку субвенциите.

Имајќи предвид дека заштитата на легитимните очекувања на субјектите на правото е составен елемент на начелото на владеење на правото, произлегува дека оспорената одредба од членот 8-а став 2 алинеја 1 од Изборниот законик не е во согласност со овој уставен принцип што претставува темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Покрај тоа, Судот смета дека се основани наводите во иницијативата дека во оспорената одредба забраната се однесува само на корисниците на субвенциите, при што не се спомнати други видови исплати за други категории граѓани, како на пр. корисниците на стипендии за ученици и студенти. Со утврдување на забрана за исплата само на субвенциите кои не се редовни месечни исплати, овие корисници на државна помош се ставени во нееднаква положба со други корисници на државна помош, поради што оспорената одредба исто така не е во согласност со уставното начело на еднаквост на граѓаните од членот 9 од Уставот на Република Македонија. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

А. Б.