/ Прочитано:

1.546

Министерството за култура не пријавило штета од боењето. Одложено судењето за Павле Богоевски

Богоевски во изјава за новинарите, дадена по завршувањето на рочиштето, истакна дека учествувал на протестот и бил дел од групата, а не од толпа, како што вели Обвинителството, и дека нема да признае вина дека сторил нешто погрешно.

Павле Богоевски, Шарена револуција

Судењето за Павле Богоевски од Шарената револуција, кое денеска се одржа во Кривичниот суд во Скопје, започна со изнесување на обвинителниот  предлог против Богоевски, но беше прекинато и одложено поради тоа што Основното јавно обвинителство Скопје не доставило процена на висината на штетата.

Имено, според обвинителниот предлог,  Богоевски како дел од толпа сторил кривично дело, односно оштетување на фасадата на зградата на Министерството за култура, бидејќи фрлал кон неа со балони со боја.

Како што истакна претставникот на ОЈО Скопје во судница, на протестот на 18 април оваа година Богоевски дејствувал заедно со толпа и ја оштетил зградата на Министерството која претставува културно наследство и имот со поголема вредност.

Кон обвинителниот предлог Обвинителството доставило и докази: записник за криминалистичко-техничка обработка, видеоснимки од протестот, решение за прогласување на зградата за културно наследство, извештај за извршено оштетување, но сè уште нема обезбедено изјава од претставник на Министерството за култура кој ќе се произнесе за отштетното побарување.

Токму тоа беше и забелешката на Сашо Дуковски, адвокатот на Богоевски, според кого обвинението не ги содржи основните елементи, а тоа е инкриминацијата на делото, бидејќи не постои штета која е предизвикана со сторувањето на такво дело.

Дуковски побара Судот да ги изведе доказите, но поради непостоењето на штета од дејствијата кои ги вршел Богоевски, побара од Судот да го одложи судењето, но и да го отфрли обвинението.

Покрај тоа, одбраната најави и изведување на свои докази, искази од сведоци, а предложи во текот на постапката да биде сослушан и обвинетиот Богоевски.

Судијката Гордана Спиреска го прифати предлогот на одбраната за одложување на рочиштето  и го задолжи Обвинителството да обезбеди  изјава за висината на штетата предизвикана врз зградата на Министерството за култура.

Следното рочиште е закажано за 14 ноември.

Богоевски во изјава за новинарите, дадена по завршувањето на рочиштето, истакна дека учествувал на протестот и бил дел од групата, а не од толпа, како што вели Обвинителството, и дека нема да признае вина дека сторил нешто погрешно.

Поддршка пред Кривичниот суд за Павле Богоевски

Тој е задоволен од досегашниот тек на постапката што се води пред Судот и потврдува дека повторно ќе дојде на следното закажано рочиште.

„Вина е општествен прекор. Не може да ме прекорува општеството чијшто правен систем дозволува здружението на Груевски да ја силува правдата и да ја киднапира секоја пора во нашето општество“, рече Богоевски.

Протестите на Шарената револуција, кои се манифестираа со боење на фасадите на повеќе објекти на институциите, се случија по донесувањето на одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за помилување на 56 политичари и нивни соработници.

Денес дел од поддржувачите на Шарената револуција беа собрани пред Кривичниот суд за да ја искажат поддршката за Богоевски.

М. С.