/ Прочитано:

5.781

Министерството за правда го објави текстот на Законот за амнестија

„Правото на простување (милост) на државата кон сторителите на казнени дела е познато во правните системи, како овластување на државата под услови пропишани со закон, против сторители на кривични дела да не се покренува казнено гонење или на веќе осудените лица казната да им биде простена или ублажена. Институтот амнестија наоѓа смисла во неприкосновеното право на казнување на државата, од каде што произлегува и правото на простување на сторителот на казненото дело. Казната претставува справедлива одмазда за извршеното дело, додека амнестијата претставува простување, израз на добра волја и милост кон осудените лица да се помогне во процесот на нивната ресоцијализација. Овој институт постои и се применува во многу европски држави“, се вели во законското образложение.

Што се предвидува во Законот за амнестија?

Со  текстот на Предлог-законот за амнестија не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело убиство од член 123 од Кривичниот законик, кривични дела против избори и гласање (член 158-165-в) од Кривичниот законик, за кривични дела против половата слобода и половиот морал и тоа: член 186, член 187, член 188, член 189, член 191, член 191-а, член 193, член 193-а, член 193-б и член 194 од Кривичниот законик, за кривични дела против државата (член 305-327 од Кривичниот законик), за кривични дела злосторничко здружување (член 394-394-г од Кривичниот законик) и за кривичните дела против човечноста и меѓународното право (член 403-418-а, 418-в до 422 од Кривичниот законик)“, истакнуваат од Министерството за правда.

Се предлага амнестијата да се однесува за лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија, на лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со кривични закони на друга држава доколку сторителот е државјанин на Република Македонија и казната ја издржува во Република Македонија, врз основа на извршување на кривична пресуда на странски или меѓународен суд,  осудени лица кои на денот на влегувањето во сила на овој закон не започнале со издржување на казната затвор.

Целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор лицата осудени за дела кои на денот на влегувањето во сила на овој закон повеќе не претставуваат кривични дела.

Во Законот се предлага сите осудени лица на кои им е изречена казна затвор до шест месеци потполно да се ослободат од издржувањето на казната.  Други осудени лица за кои е предвидена амнестија се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.

Во Законот се предвидува и задолжение на судијата за извршување на санкции, во рок од три дена од влегување во сила на овој Закон, писмено да го извести судот кој е надлежен да постапува, за постоење на околностите за амнестија, односно за ослободувањето на извршување казна. Во Законот се уредува постапката за давање на амнестија, односно органот кој ја спроведува постапката, како и издавањето на решението за амнестија.

„Имено, постапката за примена на овој закон за осудените лица кои се наоѓаат на издржување казна затвор, се поведува по службена должност од страна на казнено-поправната установа, додека постапката за примена на овој закон за осудените лица кои не отпочнале со издржување на казната затвор, ја поведува судот што ја донел првостепената пресуда по службена должност, по барање на јавен обвинител или по барање на осуденото лице. Во согласност со членот 5, решението за амнестија според одредбите на овој закон го донесува судот што ја донел првостепената пресуда, во рок од пет дена од денот на приемот на барањето во судот. Против ова решение, пропишано е дека жалба можат да поднесат осуденото лице и лицето кое во корист на осуденото лице може да изјави жалба, во рок од 24 часа од прием на решението, а јавниот обвинител само во однос на процедурални прашања поврзани со донесувањето на решението за амнестија. По жалбата против решението на првостепениот суд одлучува непосредно повисокиот суд, во рок од 48 часа. Значајно е да се истакне и дека жалбата не го задржува извршувањето на решението. Во законот се наведува дека во постапката за спроведување на овој закон ќе се применат одредбите на Законот за кривичната постапка, доколку со неговите одредби не е поинаку определено“, се вели во законското образложение.

М.В