/ Прочитано:

2.583

Министерството за правда ја запре постапката за подготовка на измените на Законот за референдум

Постапката за подготовка на измените на Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните се запира, вели за Академик заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски.

„Измените на Законот за референдум требаше да бидат технички, но со оглед на тоа дека  најавите за измени добија друга конотација и кренаа непотребна врева, сега засега постапката за измени на Законот се запира“, вели Ристовски.

Заменик-министерот појаснува дека со најавените измени требало да се допрецизираат одредби во законското решение во насока на нивно усогласување со  Изборниот законик и со текстот на Законот за судовите.

Министерството за правда на Единствениот национален електронски регистар најави дека подготвува измени на Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните. Најавата за подготовка на измените, која предизвика реакции во јавноста и која беше доведена во контекст на преговорите за името, денес е повлечена од регистарот.

Од Министерството за правда во најавената подготовка на законските измени образложија дека постојниот текст на Законот е неусогласен со текстот на Изборниот законик и со текстот на Законот за судовите. Основната цел на законските измени е надминување на постојните проблеми поради неусогласеноста на законското решение со Изборниот законик и со Законот за судовите.

Со Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните се уредуваат начинот и постапката за решавање и спроведување на референдум, покренување на граѓанска иницијатива, свикување и одржување на собир на граѓани, како и други прашања од значење за непосредно изјаснување на граѓаните.

Референдумот е облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето за одделни прашања од надлежност на Собранието на Република Македонија, за прашања од надлежност на општините, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје, како и за други прашања од локално значење.

Министерството за правда подготвува измени на Законот за референдум

М.В