/ Прочитано:

1.380

Министерството за правда ќе го менува Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер

Во Министерството за правда се одржа состанок  на кој  се утврди потребата за измени и дополнувања на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. На состанокот, покрај министерот за правда Билен Салији,  присуствуваа и претседателот  и заменик-претседателот на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Ѓорѓи Сламков и  Блерим Исени, како и претставници на повеќе невладини организации и претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Министерот за правда рече дека во согласност со Заклучокот на Владата на Република Македонија во најскоро време ќе се формира работна група која ќе ги разгледа сите довтасани предлози за измени на Законот, кои ги доставија невладините организации до Министерството за правда и до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер по одржаната јавна дебата за можни измени во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Од Министерството за правда велат дека со измените што ќе бидат донесени ќе се подобри примената на Законот  и ќе се зголеми транспарентноста и јавноста во работата на институциите.

Кон крајот на минатата година, Министерството за правда објави повик за доставување предлози за измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. На повикот му претходеше јавна дискусија за Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

На јавната дискусија претставниците на медиумите и на граѓанскиот сектор истакнаа дека се потребни законски измени. Покрај тоа што се потребни измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, потребна е и активна транспарентност на институциите. Активната транспарентност, беше констатирано на јавната дискусија, е многу слаба и слабо се извршува.

Со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и други органи и организации утврдени со закон, органите на општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, установите и јавните служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања, утврдени со закон.

М.В