/ Прочитано:

3.827

Министерството за правда подготвува измени на Законот за референдум

Министерството за правда подготвува измени на Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните. Се предвидува законските измени да бидат донесени по скратена постапка.

Како што образложуваат од Министерството за правда во најавената подготовка на законските измени, постојниот текст на Законот е неусогласен со текстот на Изборниот законик и со текстот на Законот за судовите. Основната цел на законските измени е надминување на постојните проблеми поради неусогласеноста на законското решение со Изборниот законик и со Законот за судовите.

Со Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните се уредуваат начинот и постапката за решавање и спроведување на референдум, покренување на граѓанска иницијатива, свикување и одржување на собир на граѓани, како и други прашања од значење за непосредно изјаснување на граѓаните.

Референдумот е облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето за одделни прашања од надлежност на Собранието на Република Македонија, за прашања од надлежност на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, како и за други прашања од локално значење.

М.В