/ Прочитано:

963

Министерството за здравство ја објави цела документација за тендерот со „Висарис“

Понеделник, 13 јануари 2014 – Министерството за здравство ги објави документите од тендерот за набавка на медицинска опрема, за кој беше склучен договор со фирмата „Висарис“.

Документите се објавени на интернет страница на министерството и како што истакнува министерот за здравство Никола Тодоров, од приложената документација може да се види дека во моментот кога го добила  тендерот за набавка на рентген апаратите, посочената фирма „Висарис“ била регистрирана како Друштво со ограничена одговорност на едно лице – српскиот државјанин Марко Петровиќ и дека тогаш немала сопственичка поврзаност со уредничката на Сител и Вечер Ивона Талевска.

Според министерот, спроведувањето на тендерот е во согласност со законската процедура, меѓутоа, како што наведува тој, постои неетичност во подоцнежниот стадиум односно во тоа што подоцна како мнозински сопственик на фирмата и во промените се појавува мајката на Ивона Талевска и самата таа како контакт лице на фирмата.

Тодоров најавува дека целиот случај ќе го испита и објавувањето на документите е во функција на транспарентноста на целиот случај, а и како одговор на повиците на опозициската СДСМ која побара од него да ја објави целата документација за овој тендер.

Викендов се огласија и од белградската фирма од каде најавија тужби за клевета и навреда против СДСМ.