/ Прочитано:

1.616

Министерството за здравство подготвува законски измени за подобра контрола на квалитетот на лековите

Министерството за здравство подготвува измени на Законот за лековите и медицинските помагала. Законските измени имаат за цел, истакнуваат од Министерството за здравство, обезбедување сигурен, квалитетен и безбеден лек на пазарот во Република Македонија и воведување построги критериуми во постапката на добивање одобрение за паралелен увоз на лекови, со што ќе се подобри контролата на лековите кои се увезуваат по пат на паралелен увоз во Република Македонија.

„Со Законот за лековите и медицинските средства е уреден паралелниот увоз на лековите и медицинските средства. Паралелен увоз на лекови врши веледрогерија која има одобрение за промет на големо со лекови и медицински средства и одобрение за делови од процесот на производство издадено од надлежен орган во РМ, како и здравствена установа која паралелниот увоз го врши исклучиво за сопствени потреби и не смее да врши промет со паралелно увезените лекови. Во досегашната примена на Законот, констатирано е дека на налепницата која се наоѓа на надворешното оригинално пакување на лекот има недоволно податоци за лекот кои се од значење за соодветна примена и ракување со него, како и дека критериумите во постапката за добивање одобрение за паралелен увоз на лекови се недоволни за да се подобри контролата на квалитетот на лековите“, велат од Министерството за здравство.

M.В