/ Прочитано:

1.596

Владата предлага различна филозофска основа во медицинските терапии

Четврток, 8 јануари 2015 – Владата поднесе Предлог – закон за комплементарна и алтернативна медицина до Собранието на Република Македонија. Комплементарната и алтернативната медицина, како што се наведува во прдложеното законско решение, опфаќа методи и постапки за дијагностика, лекување и рехабилитација што влијаат благотворно или што би можеле да влијаат благотворно на човековото здравје или на здравствената состојба на човекот, кои во согласност со медицинската доктрина не се опфатени во здравствените услуги на медицината заснована на докази. 

Различна филозофска основа

Според Владата и Министерството за здравство, комплементарната и алтернативната медицина опфаќа терапии што се со различна филозофска основа од конвенционалната медицина и коишто спроведуваат поинакви процеси на дијагностика и третман од конвенционалните, со цел подобрување и зачувување на физичкото, емотивното и менталното здравје на луѓето, виталноста на телото и духот.

Модерната медицина настанала врз основа на претпоставката дека умот и телото се одвоени

„Во литературата е објаснето дека историски модерната медицина настанала врз основа на претпоставката дека умот и телото се одвоени. Болестите, според модерната медицина, се ’механички’ нарушувања и овие нарушувања и симптомите што ги предизвикуваат тие нарушувања се третираат. Комплементарната медицина има за цел да ја третира целата личност, а не само симптомите“, се посочува во законското образложение.

Причини за донесување на Законот

Во законскиот предлог се цени дека донесувањето на ваков посебен закон е потребно од следните причини:

  • да се идентификуваат и да се дефинираат „дисциплините“ на КАМ кои ќе бидат дел од здравствениот систем на Република Македонија;
  • да се утврдат условите под кои „дисциплините“ на КАМ ќе можат да бидат практикувани, односно користени;
  • да се утврди видот и степенот на стручната подготовка, односно да се утврдат образовните квалификации кои треба да ги поседува лицето што сака да практикува некоја од „дисциплините“ на КАМ;
  • да се создаде механизам што ќе му овозможи на пациентот да биде заштитен од неквалификувани поединци, да му се гарантира максимум безбеден третман, како и да му се овозможи да го оствари правото да избере третман врз основа на точни и целосни информации;
  • да се утврди дали лицата што сакаат да практикуваат некоја од „дисциплините“ на КАМ треба да членуваат во некоја професионална организација или комора и да бидат обврзани на континуирана едукација;
  • да се уреди прашањето на надоместување на трошоците направени со користење на некоја од „дисциплините“ на КАМ.

Лиценци за практичари

Со Предлог-законот за комплементарна и алтернативна медицина, меѓу другото, се воведуваат лиценци за практичари на различни методи за лекување што не се опфатени во здравствениот систем.

„Комплементарната и алтернативната медицина во смисла на овој закон, опфаќа различни методи и постапки за дијагностика, лекување и рехабилитација кои, во согласност со важечката медицинска доктрина, не се опфатени во здравствените услуги во согласност со медицината заснована на докази и кои не ги третираат само симптомите што ги предизвикуваат болестите, туку имаат за цел да ја третираат целата личност на човекот и причините за настанување на болестите, се фокусираат на енергијата на неговото тело и нејзиното влијание врз човековото здравје и болеста, исцелителната моќ на природата и моќта на телото да ги мобилизира сопствените ресурси за да се излекува“, се вели во Предлог-законот.

Се предвидува да бидат дозволени само методите и постапките што не му штетат на здравјето; што не ги одвраќаат корисниците од користење на здравствените услуги во согласност со медицината заснована на докази и што се изведуваат во согласност со меѓународно признатите стандарди на методата и /или постапката на КАМ .

Во Законот се предвидува вакви услуги да даваат физички лица што ги исполнуваат условите од овој закон и што поседуваат лиценца за работа, како и дека услугите од КАМ се даваат во установи регистрирани за давање на услуги од КАМ и во здравствени установи на кои им е издадена дозвола за работа.

„Методите и постапките на КАМ можат да ги вршат лица што имаат лиценца за примена на методите и постапките на КАМ, која ја издава Комората на практичари на КАМ. За својата работа лицата што ги применуваат методите и постапките на КАМ се стручно, етички, казнено и материјално одговорни“, се вели во Предлог-законот.

Методи и постапки за дијагностика

Како методи и постапки на дијагностика и лекување се дефинирани: традиционална кинеска медицина; хомеопатија; традиционална индиска медицина – ајурведа; фитотерапија; квантна медицина и сродни техники; киропрактика и примената кинезиологија, а како методи и постапки на рехабилитација: апитерапија; ароматерапија; чи гонг вежби; духовна енергетска медицина; енергетска терапија – реики; детекција на штетни зрачења; јога вежби; семеен распоред (фенг шуи); тај чи чуан вежби; макробиотика и традиционална домашна медицина.

Предлог – закон за комплементарна и алтернативна медицина