/ Прочитано:

1.312

Министрите за одбрана на земјите членки на ЕУ потпишаа пакт за соработка во одбраната

Пактот, кој е познат и под името „Постојана структурна соработка во одбраната“ (ПЕСКО), го потпишаа 23 од вкупно 28 земји членки на ЕУ, меѓу кои Германија, Франција, Италија, Шпанија... Документот не беше потпишан од страна на Велика Британија, која го започна процесот на излегување од европскиот блок и Данска. Документот, кој попладнево беше потпишан од страна на министрите за одбрана на земјите членки на Европската Унија, беше испратен до Советот на Европа, кој пак од своја страна би требало до крајот на годинава да донесе одлука за официјален старт на програмата чија основна цел е да ја зацврсти безбедноста на земјите членки, како и да ја подобри координацијата во развојот на нова воена опрема.

Земјите членки на Европската Унија денеска во Брисел покренаа нова ера во областа на одбранбената соработка, откако го потпишаа пактот што предвидува заеднички вложувања во војската и проекти за развој кои би ѝ помогнале на Унијата да се спротивстави на безбедносните предизвици.

Пактот, кој е познат и под името „Постојана структурна соработка во одбраната“ (ПЕСКО), го потпишаа 23 од вкупно 28 земји членки на ЕУ, меѓу кои Германија, Франција, Италија, Шпанија… Документот не беше потпишан од страна на Велика Британија, која го започна процесот на излегување од европскиот блок и Данска.

Документот, кој попладнево беше потпишан од страна на министрите за одбрана на земјите членки на Европската Унија, беше испратен до Советот на Европа, кој пак од своја страна би требало до крајот на годинава да донесе одлука за официјален старт на програмата чија основна цел е да ја зацврсти безбедноста на земјите членки, како и да ја подобри координацијата во развојот на нова воена опрема.

Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, изјави дека земјите потписнички на ПЕСКО веќе поднеле повеќе од 50 заеднички проекти од областа на одбранбената политика и воените операции. Могерини истакна дека проблемот во издвојувањето на финансии за одбраната во Европа не е во тоа колку се троши, туку во тоа што се троши „фрагментирано“.

„Ова е историски ден за европската одбрана. Ако земјите членки на ЕУ сакаат да вложуваат финансиски средства во одбраната на координиран начин, да инвестираат заедно, тоа може да го прават преку Европската Унија, односно преку ПЕСКО, со поддршка на одбранбениот фонд што го формиравме“, потенцираше Могерини, нагласувајќи притоа дека Европската Унија и НАТО и понатаму мора да соработуваат.

Во однос на потпишувањето на Пактот за заедничка соработка во одбраната, претходно, претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер. изјави дека создавањето европска армија е неизбежна реалност.

„Ние им должиме многу на Американците, но тие нема да се грижат за безбедноста на Европа на долг рок. Тоа е нешто што мора сами да го направиме, поради што ова прашање мора да стане главен и основен приоритет, сè до создавање на европска армија“, истакна Јункер во петокот при посетата на официјален Берлин.

ПЕСКО, за кој најмногу се залагаа Германија и Франција, е дел од напорите на европските лидери за зацврстување на Унијата, особено по референдумот во Велика Британија, кога беше одлучено земјата да ја напушти ЕУ. За таа цел земјите членки на ЕУ формираа и Европски одбранбен фонд кој ќе располага со годишен буџет во износ од 5 и пол милијарди евра.

Поддржувачите на ПЕСКО оценуваат дека ова, всушност, ќе биде надополнување на НАТО, за кој, како што велат, и понатаму ќе има примарна улога во одбраната во Европа.

Договорот што денеска го потпишаа 23-цата министри за одбрана на земјите членки на ЕУ предвидува значителна заедничка поддршка, пред сè, во кадар, во опрема, обука и инфраструктура за воени мисии на Европската Унија. Потписниците истовремено се обврзуваат на редовно зголемување на буџетот за одбраната, како и издвојување на 20 отсто одбранбени трошоци за набавка на опрема и два отсто за истражување и технологија.

Според најавите од Брисел, ПЕСКО би довел и до отворање на европски воени болници или логистички центри, но пред сè, ќе се фокусира на проекти за развој на нова воена опрема, како што се тенкови или беспилотни летала, поради усогласување на оружените системи и намалување на разликите во капацитетите на поедини земји членки на ЕУ. Учеството во проектот ПЕСКО е доброволно, бидејќи земјите може и подоцна да се приклучат, но само доколку тоа претходно е одобрено од страна на потписниците на договорот. Државите, пак, кои не се членки на Европската Унија, може да учествуваат во одредени мисии, но нема да имаат улога во одлучувањето.

А. Б.