/ Прочитано:

1.250

Мислењето на Владата за иницијативата за уставноста на членот 175 од Законот за следење на комуникациите

Владата на РМ на својата 31. седница, врз основа на заедничкото мислење на Министерството за информатичко општество и администрација, подготвено во соработка со Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство, донесе предлог Уставниот суд на Република Македонија да донесе решение за запирање на постапката за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски телекомуникации, усвоена на 21 јуни 2017 година.

„Во согласност со ова мислење, членот 175 од Законот за електронски комуникации воопшто не навлегува во постапката за следење на комуникациите, затоа што според амандманот XIX од Уставот, само врз основа на одлука од суд, под услови и во постапка утврдена со закон, може да се отстапи од правото на неповредливост на комуникациите. Оттука, според ова мислење усвоено од Владата на РМ, Законот за следење на комуникациите може да биде предмет на оценка во однос на неговата уставност, но не и членот 175 од законот одделно“, беше констатирано на седницата.

Во врска со мислењето, Владата на РМ објави и дополнителна информација, која ја пренесуваме интегрално:

Информација во врска со мислењето на Владата, по барање на Уставниот суд, за иницијативата за преиспитување на уставноста на членот 175 од Законот за следење на комуникациите

„Поради нагласен интерес на јавноста во врска со одлуката на Владата на Република Македонија, на Уставниот суд, по негово барање да му достави мислење за прекинување на постапката за преиспитување на уставноста на членот 175 од Законот за следење на комуникациите, информираме дека Владата на Република Македонија веќе работи на реформите на безбедносниот систем, вклучувајќи ја и УБК и на Законот за следење на комуникациите.

Предлозите на законските решенија на работната група, направени во согласност со препораките на меѓународните и домашните експерти, се во завршна фаза и наскоро ќе бидат објавени. Тоа е и во приоритетите на ‘Планот 3-6-9’. И тоа во овој тековен временски интервал од планот.

Во подготовката на овие промени, Владата на РМ се раководи од идејата реформата во оваа област да биде транспарентна, темелна и сеопфатна и да биде под целосна контрола на институциите.

Затоа Владата на 31. седница на 10 октомври оваа година донесе мислење Уставниот суд да ја запре постапката за преиспитување на уставноста на членот 175 од Законот за следење на комуникациите, зашто оваа иницијатива е парцијална и не ѝ приоѓа на оваа тема сеопфатно, при што пресретнува еден процес кој е веќе во одмината постапка.

Инаку, ова мислење на Владата на РМ е донесено врз основа на барањето на Уставниот суд и е редовна практика во комуникацијата меѓу Владата на РМ и Уставниот суд на Република Македонија“.

Во членот 175, насловен „Следење на комуникации“, се пропишува:

(1) Операторите се должни да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи, согласно со Законот за следење на комуникациите

(2) Операторите се должни на сопствен трошок да обезбедат и одржуваат опрема, соодветен интерфејс и да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до овластениот орган за следење на комуникации, со цел да се овозможи следењето на комуникациите во нивната мрежа, согласно со Законот за следење на комуникациите

(3) При набавката на опремата и интерфејсот од ставот (2) на овој член, операторите се должни од овластениот орган за следење на комуникации да побараат техничка спецификација за нивниот вид и карактеристики

(4) Овластениот орган за следење на комуникации од ставот (2) на овој член ги утврдува мерките и стандардите за информациска безбедност, кои треба да ги примени операторот на јавни електронски комуникациски мрежи и/или услуги во врска со неговите обврски за следење на комуникациите од ставот (2) на овој член

(5) Во случај кога операторите имаат воведено компресија или криптозаштита на комуникацискиот сообраќај, должни се да ја отстранат, пред да ја достават содржината на следената комуникациска услуга до овластениот орган за следење на комуникации.

(6) Операторите имаат обврска да му овозможат на овластениот орган за следење на комуникации, следење на комуникациите во реално време. Информацијата за следената комуникација треба да биде на располагање веднаш по завршувањето на комуникацијата, а следењето на комуникацијата треба да биде непрекинато за цело време на нејзиното траење

(7) Операторите имаат обврска да обезбедат точно и еднозначно поврзување на информацијата за следената комуникација со содржината на комуникацијата која се следи

(8) Операторите треба да обезбедат лицето чии комуникации се следат или друго неовластено лице да не забележи каква било промена во квалитетот на комуникациската услуга која може да биде предизвикана со примена на мерката следење на комуникациите. Функционирањето на следената комуникациска услуга треба да остане непроменето за лицето чии комуникации се следат

(9) Операторите треба да обезбедат иста или поголема сигурност и квалитет на следената комуникациска услуга од сигурноста и квалитетот на комуникациските услуги кои му се овозможени на лицето чии комуникации се следат

(10) Агенцијата ќе спроведе постапка на надзор над оператор, во врска со исполнувањето на обврските утврдени со овој член, по барање на овластен орган за следење на комуникациите.

М.В