/ Прочитано:

3.184

Младите економисти, правници и студенти на отворен ден за млади претприемачи

Во Бизнис конфедерацијата на Македонија, Асоцијацијата за правно-економски истражувања „Јуридика“ одржа отворен ден за вмрежување на младите претприемачи. Учеството на младите претприемачи во бизнисот и економијата, истакна на почетокот на денешниот настан проф. д-р Лазар Јовевски, е тема која во современиот контекст е мошне инспиративна како од трудово-правен, така и од деловен аспект.

„Целта на денешниот отворен ден е да се дискутира околу можностите што ги даваат здружувањето и организираното застапување преку организации и асоцијации на бизниси во Македонија“, нагласи Јовевски, додавајќи дека денешниот настан е дел од проектот „Успешни во единство“ кој  резултираше со изготвување на посебна „Студија за поддршка на организираното застапување на младите претприемачи на локално и национално ниво“, наменета за младите претприемачи и локалните власти.

Студијата е резултат на истражувањето што беше спроведено во рамки на проектот реализиран од страна на Асоцијација за правно-економски истражувања и едукација „Јуридика“ – Скопје во партнерство со Центарот за ромска заедница „ДРОМ“ – Куманово.

Звезда Тодоровска, проект-менаџер во „Јуридика“, појаснува дека студијата во себе содржи три дела, и тоа: истражување кое ги опфати младите претприемачи од три општини: општина Гази Баба, општина Бутел и општина Ѓорче Петров. Целта на истражувањето е утврдување на потребите на младите претприемачи при започнување и водење на бизнисот. Вториот дел е посветен на законската регулатива, како и на мерките за поддршка на претприемништвото.

Еден посебен дел од студијата, додава Тодоровска, во детали ги презентира и анализира активните мерки за самовработување обезбедени преку Агенцијата за вработување на РМ. На крај во студијата се упатуваат препораки за поддршка на младинското претприемништво до локалните власти.

„Крајната цел на студијата е да биде поттик и да послужи младите претприемачи да се организираат, со цел заедничка акција во остварување на своите бизнис интереси. Особена вредност на студијата претставуваат препораките за локалните власти кои имаат за цел да ги поттикнат за преземање на конкретни чекори во развојот на младинското претприемништво. За секој млад човек кој има бизнис идеја, оваа студија може да биде алатка за преземање на претприемачка акција“, посочува Тодоровска.

Марина Спасеска на денешниот настан говореше за активностите на Бизнис конфедерацијата на Македонија, во контекст на мотивирањето и охрабрувањето на младите да се вклучат во претприемништвото. Во таа насока, истакна Спасеска, мисијата на Конфедерацијата е да помогне кон поттикнување и подобрување на бизнис опкружувањето во Македонија, за што исклучително значење имаат и енергијата и идеите на младите во Македонија. Ние, нагласи Спасеска, постојано го акцентираме значењето на практиката за студентите и младите, како што воедно ја нагласуваме и потребата од разбивање на родовите стереотипи за професиите.

Раскажувајќи ги своите искуства како практикант во Бизнис конфедерацијата, Бојан Тодоровски, како претставник на Бизнис конфедерацијата, нагласи дека младите треба да се нишката помеѓу бизнисите од гледиште на нивната перспективност. Дефинитивно, во бизнисот може да се успее ако се има добра идеја, но и ако има соработка помеѓу бизнис секторот и младите. Кога почнав како практикант, посочи Тодоровски, ми рекоа сè ќе научиш со тек на време. Мислев дека тоа е теоретски, но не испадна така. Дознав и научив многу.

Валентина Десоска од Здружението на бизнис жени при Бизнис конфедерацијата истакна дека целта на ова здружение е поголем број жени претприемачи кои ќе бидат успешни во реализацијата на своите бизнис планови. Вклучувањето на жените во бизнисот ѝ помага на домашната економија. Секогаш, нагласи Десоска, клучна е волјата. Потребна е и храброст и да се има цел која ќе биде дел од повисоката цел.

Професорот од Економскиот факултет при УКИМ, Димитар Јовески, истакна дека за секој почеток на бизнис е потребно да се лоцира проблемот и да се најде решение. Кога се влегува во претприемачките води,  посочи Јовески, почнувате со барањето идеи. Живееме во време, нагласи Јовевски, на општество базирано врз мудроста, а мудроста подразбира од десет информации за една иста работа, да ја одберете вистинската и релевантно и мудро да постапите во таа насока.

Борјан Ефтимов, студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“, рече дека младите во Македонија треба да се вклучуваат во бизнисот и приватниот сектор и да размислуваат креативно, наместо да ја бараат иднината во администрацијата или, пак, како што додаде, во странство.

„Јас ќе ви го кажам мојот пример. Работев во Германија, во ‘Мекдоналдс’ и таму дури осум вработени беа Македонци. Се работи репетитивно и се разбира, нема такви перспективи да оствариш некој особен успех. Видете, таму никој не оди да биде директор во ‘Мерцедес’, се работат такви работи. Можностите се тие и тие се лимитирани на ниво на репетитивна работа. Не е сè така светло како што се претставува. Младите треба да знаат дека алтернативата на странство е претприемништвото, кое е креативно и го ослободува духот. Имам 21 година и мене, како на иден правник, ми е желба да бидам дел од претприемништвото, да бидам дел од правна фирма, дел од адвокатурата“, истакна 21-годишниот  Борјан Ефтимов.

M.В