/ Прочитано:

1.251

Младите кривичари организираат стручна расправа на Правниот факултет, на која ќе учествуваат Марко Зврлевски и Катица Јанева

Здружението на млади кривичари на Република Македонија, во рамките на активностите предвидени во согласност со Програмата за работа на Здружението за 2016 година, на 15.11.2016 година во просториите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, ќе организира научна и стручна расправа на тема „Спречување на криминалот во Република Македонија – иста цел, различни перцепции“.

akademik foto 1

„На расправата свое учество ќе земат јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски, специјалниот јавен обвинител на Република Македонија  Катица Јанева и претставник од Основното јавно обвинителство за гонење на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција, чии присуства дополнително ја истакнуваат важноста на овој настан, како и домашни експерти по казнено право“, истакнуваат од Здружението на младите кривичари.

Целта на расправата, нагласуваат од Здружението на младите кривичари, е стимулирање на дебата со цел изнаоѓање креативен и соодветен пристап во спречувањето на криминалитетот во Република Македонија, како и подигнување на јавната свест кај студентите по казнено право за потребата на проширување на соработката помеѓу институциите на системот во спречување на криминалот.

akademik foto

Од Здружението информираат дека настанот е наменет за младите кривичари со завршени магистерски студии по казнено право или тековни студенти на магистерски студии по казнено право или на докторски студии, а сите заинтересирани учесници, најдоцна до 10.11.2016 година, треба да ги испратат следните документи за апликација: кратка биографија и пополнет aпликационен-формулар.

„Документите треба да се испратат на e-пошта: young.penalists@gmail.com, со назнака Дискусија 2. Со особена благодарност ќе бидат разгледувани апликациите кои ќе бидат испратени пред предвидениот краен рок“, информираат од Здружението.

Како нова и иновативна организација, главната мисија на Здружението на млади кривичари е да им овозможи на сите заинтересирани членови да ги продлабочат своите знаења во истражувањето на проблематиката што е предмет на нивниот интерес, и тоа особено во однос на теми што претставуваат актуелен предизвик и што налагаат сериозна дискусија во однос на одделните прашања што го сочинуваат костурот на казненото материјално право.

akademik foto 1

Минатиот месец Здружението на младите кривичари ја организираше и првата Школа за млади кривичари, на која свое учество зедоа еминентни професори и експерти од областа на казненото право во Република Македонија и кои  дискутираа за предизвиците и за реформите на казненото право.

Школата овозможува понатамошен развој и културна соработка на сегашни и поранешни студенти на магистерски студии од областа на казненото право, обука и дискусија за важни и клучни институти и други законски решенија што претставуваат новина и напредок во реформирањето на материјалното казнено право преку размена на искуства и вештини.

ШКОЛАТА НА МЛАДИТЕ КРИВИЧАРИ – НОВ ПРОСТОР ЗА НАПРЕДНАТА КАЗНЕНОПРАВНА МИСЛА: Интервју со проф. д-р Никола Тупанчески

М.В