/ Прочитано:

1.172

МОБИЛНИТЕ ОПЕРАТОРИ: Не сме ја нарушиле приватноста на корисниците

Петок, 13 јануари 2015 –  Мобилните оператори во Македонија отфрлаат каква било поврзаност со аферата прислушување што ја објави СДСМ.

Операторот „Т-Мобиле“ – Македонија соопшти дека не ја нарушил, ниту ќе ја наруши приватноста на своите корисници.

„Ги почитуваме законските норми пропишани со  Законот за следење на комуникациите и Законот за електронски комуникации каде што во член 175 детално се наведени правата и обврските на телекомуникациските оператори во однос на следење на комуникациите. „Т-Мобиле“ – Македонија не ја нарушил, ниту ќе ја наруши приватноста на своите корисници“, стои во соопштението.

Вчера и мобилните оператори „Вип“ и „Оне“ за медиумите изјавија дека работат во согласност со законските прописи во Македонија и дека немаат опрема за слушање, следење, чување, снимање, задржување или каков било друг облик на пресретнување или надзор на комуникациите.

Според чл.175 од Законот за електронските комуникации (ЗЕК), операторите се должни да обезбедат и да одржуваат средства за следење на комуникациите, како и да воспостават телекомуникациска опрема за пренос до овластениот орган за следење комуникации, во согласност со Законот за следење на комуникации.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференција обвини дека над 20.000 илјади граѓани во Македонија биле незаконски прислушувани од страна УБК.

Тој во телевизиското гостување на „24 Вести“, исто така обвини дека УБК без помош на мобилните оператори немала шанси да го спроведе тоа.

„Тоа е просто невозможно. Само мобилните оператори можат да дозволат да се следи нивни корисник бидејќи корисникот на бројот се движи и постојано се менуваат базните станици кои го примаат и го испраќаат сигналот од мобилниот телефон“, истакна Заев.

ПОСЕБНА ИСТРАЖНА МЕРКА – Следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации

Следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации, претставува посeбна истражна мерка во согласност со Законот за кривична постапка која се спроведува кога постојат основи на сомневање:

1. за кривични дела за кои е пропишана казна затвор од најмалку четири години, а се подготвуваат, во тек е извршување или се извршени од страна на организирана група, банда или друго злосторничко здружение или

2. за кривичните дела убиство од членот 123; грабнување од членот 141; посредување во проституција од членот 191 ставови (1), (3) и (4); прикажување на порнографски материјали на малолетник од членот 193; производство и дистрибуција на детска порнографија од членот 193-а; намамување на обљуба или друго полово дејствие на малолетник кој не наполнил 14 години од членот 193-б; неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од членот 215 ставови (1) и (3); оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем од членот 251 ставови (4) и (6); изнуда од членот 258; уцена од членот 259 став (2); присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природна реткост од членот 265; изнесување, односно извезување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости од членот 266 став (1); отуѓување на културно наследство од особено значење во државната сопственост од членот 266-а; перење пари и други приноси од казниво дело од членот 273 ставови (1), (2) и (3) и од ставови (5), (6), (8) и (12); криумчарење од членот 278 ставови (3) и (5); царинска измама од членот 278-а; злоупотреба на службена положба и овластување од членот 353; проневера во службата од членот 354; измама во службата од членот 355; послужување во службата од членот 356; примање на поткуп од членот 357 ставови (1), (4), (5) и (6); давање на поткуп од членот 358 ставови (1) и (4); противзаконито посредување од членот 359 став (6); незаконито влијание врз сведоци од членот 368-а став (3); злосторничко здружување од членот 394 став (3); терористичка организација од членот 394-а ставови (1), (2) и (3); тероризам од членот 394-б и финансирање тероризам од членот 394-в сите од Кривичниот законик или 

3. за кривични дела против државата (Глава XXVIII), кривични дела против човечноста и меѓународното право (Глава XXXIV) од Кривичниот законик.

Овластен орган за наредување на посебните истражни мерки

Следењето на комуникациите е регулирано со Законот за следење на комуникациите и Законот за кривична постапка, каде јасно е нагласено дека следењето на комуникациите мора да се врши на начин и постапка со која не се загрозуваат човековите слободи и права и секоја злоупотреба преставува кривично дело според Кривичиот законик на РМ.

Барање за донесување наредба за следење на комуникациите, до надлежниот судија поднесува надлежниот јавен обвинител по сопствена иницијатива или на предлог на полицискиот службеник на Министерството за внатрешни работи, односно припадникот на Управата за финансиска полиција, односно со закон овластеното лице на Царинската управа кој/кое го води случајот.

Следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации, како посебни истражни мерки, по образложено барање на јавниот обвинител ги определува судијата на претходната постапка со писмена наредба.

Мерките ги спроведува јавниот обвинител или правосудната полиција под контрола на јавниот обвинител. Во текот на извршување на мерката правосудната полиција изготвува извештај кој го доставува до јавниот обвинител по негово барање.

Времетраење на примена на мерките

Посебните истражни мерки може да траат најдолго четири месеци. Продолжување на мерките, меѓу кои следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации,   најдолго за уште четири месеци може да одобри судијата на претходната постапка, а по образложено писмено барање на јавниот обвинител.

За кривични дела за кои е пропишана казна затвор од најмалку четири години за кои постои основано сомневање дека се извршени од страна на организирана група, банда или друго злосторничко здружение, судијата на претходната постапка може да го продолжи рокотза уште најдолго шест месеци, по писмено барање на јавниот обвинител, а врз основа на проценка на корисноста од собраните податоци со примена на мерката и врз разумно очекување дека со мерката и натаму може да се добијат податоци од интерес за постапката.

Против решението на судијата со кое не се одобрува продолжување на времетраењето на мерката, по жалба на јавниот обвинител во рок од 24 часа одлучува советот на судот.

Запирање на посебните истражни мерки

Кога ќе се постигнат целите заради кои се определени посебните истражни мерки или ќе престанат да постојат основите заради кои се одобрени, органот што ја издал или продолжил наредбата е должен веднаш да нареди запирање на мерките. Ако јавниот обвинител се откаже од кривично гонење или ако собраните податоци со посебните истражни мерки немаат значење за водење на постапката, ќе се уништат под надзор на судијата, а за тоа јавниот обвинител ќе изготви записник.

Заштита на податоци во врска со посебните истражни мерки

Лице кое на кој и да било начин дознае податоци што се однесуваат или произлегуваат од примената на посебните истражни мерки е должно да ги чува како службена тајна.

E. П.