/ Прочитано:

1.670

МОНИТОРИНГ НА ЈАВНИТЕ НАБАВКИ: Да се напушти евалуирањето на понудите исклучиво врз основа на цената

Среда, 29 април 2015 – Напуштање на концептот на евалуирање на понудите исклучиво врз основа на цената.Ваквото постапување е спротивно и на новите Директиви за јавни набавки на ЕУ според кои договорните органи во доделувањето на договорите треба да го користат критериумот „економски најповолна понуда“, се вели во Извештајот за мониторингот на постапките за јавни набавки на Центарот за граѓански комуникации.

Детална анализа за оценка на ефектите и целисходноста од воведувањето на Советот за јавни набавки

„Надлежните органи да изработат детална анализа за оценка на ефектите и целисходноста од воведувањето на Советот за јавни набавки како дополнителен административен и финансиски товар во системот за јавни набавки“, велат од Центарот за граѓански комуникации, истакнувајќи дека потребни се измени и на Законот за јавните набавки во насока на избегнување на сегашната состојба на доставување на повеќе барања на согласност за еден ист тендер.

Од Центарот сметаат дека е потребно итно усогласување на примената на негативните референци во Македонија со општо прифатените правила во ЕУ.

„Советот за јавни набавки во првите месеци од работата го зголеми административното оптоварување во спроведувањето на тендерите, но не и конкуренцијата. Бројот на понудувачи во второто полугодие од 2014 година е дури намален во однос на првото полугодие“, велат од ЦГК.

До Советот за јавни набавки во второто полугодие од 2014 година биле доставени 5.725 барања за добивање согласност за спроведување на тендерите.

Во сите мониторирани тендери е користен критериумот за избор „најниска цена“

Според ЦГК, државните институции побараните согласности ги чинеле околу 600.000 евра, а во сите мониторирани тендери е користен критериумот за избор „најниска цена“.

„Во некои тендери ниските цени преку е-аукција достигнуваа и апсурдно ниско ниво и го доведуваат во прашање квалитетот на набавките“, посочуваат од ЦГК.

„Задолжителното барање согласност од Советот за јавни набавки за примена на постапката со преговарање без претходно објавување оглас ги намали овие нетранспарентни договори. На годишно ниво нивниот износ достигна 56 милиони евра“, оценуваат од таму.

Секој четврти тендер бил поништен

Од 612 жалби доставени до Државна комисија за жалби по јавни набавки во 2014 година 109 биле од институции кои ги спроведуваат тендерите изјавени против решенија на Советот за јавни набавки. Со само 503 жалби од фирмите во 2014 година продолжил неколкугодишниот тренд на намалување на бројот на жалби од фирмите.

Понатаму, во извештајот се наведува дека задолжителното барање согласност од Советот за јавни набавки за примена на постапката со преговарање без претходно објавување оглас ги намали овие нетранспарентни договори. Во второто шестмесечје од минатата година, преку оваа постапка се склучени договори во вредност од 22 милиони евра, со што на годишно ниво нивниот износ достигна 56 милиони евра.

Наодите од мониторингот покажуваат и дека секој четврти тендер бил поништен бидејќи немало ниту една понуда или ниту една од доставените понуди не била прифатлива или соодветна. Гледано на годишно ниво, поништени се 23% од сите тендери објавени во 2014 година.

Во второто полугодие од 2014 година изречени биле и 19 негативни референци, со што 18 фирми за првпат се најдоа на т.н. црна листа. Вкупно 72 фирми имаат забрана за учество на тендери.

„И во овој мониториран период е констатиран селективен однос на договорните органи кон примена на оваа мерка“, пишува во Извештајот.

Центарот за граѓански комуникации од Скопје, од ноември 2008 година наваму, континуирано го анализира спроведувањето на процесот на јавни набавки во РМ, кој е регулиран со Законот за јавни набавки.

Целта на анализата е да оцени како се спроведува процесот на јавни набавки во светло на новиот Закон за јавните набавки и дали и колку функционираат основните принципи на јавните набавки: транспарентност, конкурентност, еднаков третман на економските оператори, недискриминација, законитост, економично, ефикасно, ефективно и рационално користење на буџетските средства, настојување да се добие најдобрата понуда под најповолни услови, како и отчетност за потрошените средства кај набавките.

 Извештај на ЦГК од мониторингот на  јавните набавки

М.В