/ Прочитано:

2.739

МОНИТОРИНГ НА СУДСКИТЕ РОЧИШТА: Неумешност на обвинителите во испитувањето на сведоците и непочитување на одредби од ЗКП

Хелсиншкиот комитет за човекови права го објави месечниот извештај за човековите права во Република Македонија, во кој се говори и за повреди на кривичната постапка. Хелсиншкиот комитет, за остварување на својата цел за заштита и унапредување на човековите права и слободи загарантирани со законите и Уставот, врши мониторинг на судски рочишта во постапки од различни области.

Што констатирале набљудувачите на судските рочишта?

Како што известуваат од Комитетот во месечниот извештај за човековите права, во текот на мониторингот на судските рочишта во кривичните постапки, набљудувачите на Комитетот забележале неправилности во односот меѓу судиите и јавните обвинители во постапките и начинот на кој се вршат директното и вкрстеното испитување на сведоците.

„Со напуштање на таканаречениот судски патернализам со инквизиторната постапка и преминувањето во акузаторна постапка со новиот Законот за кривична постапка, судот ја губи улога која се состоеше во утврдување на материјалната вистина и товарот на докажувањето паѓа врз странките. Тоа би претпоставувало детална подготовка на предметот и умешност во испитувањето од страна на обвинителството“, посочуваат од Комитетот.

Прераскажување и диктирање

Меѓутоа, додаваат од Хелсиншкиот комитет, иако поминаа речиси 5 години од стапувањето во сила на новиот Закон, набљудувачите забележаа дека повторно преовладуваат прераскажување и диктирање од страна на Судот при изготвувањето на записникот за главната расправа“, истакнуваат од Комитетот.

Од Хелсиншкиот комитет образложуваат дека во согласност со новиот Закон за кривичната постапка, записникот за главната расправа повеќе не се диктира од страна на претседателот на советот и дадените искази на лицата кои се сослушани во текот на главната расправа повеќе не се внесуваат во форма на прераскажување на нивниот даден исказ.

„Законот предвидува текот на главната расправа да се снима тонски или визуелно тонски, а доколку пак не постојат технички услови за снимање на главната расправа, Судот има можност да нареди записникот за главната расправа да се води стенографски“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Тонското или визуелно-тонското снимање како гаранција за веродостојноста

„Предностите се состојат во тоа што преку тонското или визуелно-тонското снимање на главната расправа или преку стенографското водење на записникот, се овозможува целосно и детално без никакви пропусти да биде евидентирано сè што се случувало и се рекло во текот на главната расправа, со што би се оневозможило да биде направен каков било пропуст при внесувањето на содржината во записникот за главната расправа. Следствено претставува гаранција за неговата веродостојност“, додаваат од Хелсиншкиот комитет.

Каква е подготвеноста на обвинителството во испитувањето на сведоците?

Во однос на подготвеноста и умешноста во испитувањето од страна на обвинителството во постапките кои ги мониторираше Хелсиншкиот комитет, се забележани пропусти во однос на испитувањето на сведоците.

„Забележано е дека обвинителите при испитувањето на сведоците не ги формулираат јасно и концизно прашањата во согласност со законот, па најчесто судот е тој што ги коригира при внесување во записникот. Оттаму често се провлекува свесно наведување на сведокот од страна на обвинителот да го одговори прашањето на начин што би бил подобен за тезата на обвинителството“, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.

Судиите и јавните обвинители, препорачуваат од Комитетот, се должни доследно да ги почитуваат одредбите на Законот за кривична постапка, бидејќи и навидум „баналните“ пропусти, како што се цитирањето на записникот за главна расправа и начинот на водење на испитувањето на сведоците, можат да придонесат за прекршување на начелото за правично судење во кривичната постапка.

М.В