/ Прочитано:

7.074

(ФОТО) „МОНСТРУМ“ ПРЕСУДА: Доживотна казна затвор за шестмина обвинети, една ослободителна пресуда

Понеделник, 30 јуни 2014 – Доживотна казна затвор за тероризам за Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута – вака денеска одлучи Основниот суд Скопје 1 со првостепената пресуда за случајот „Монструм“. Единствено петтоoбвинетиот Сејди Рами доби ослободителна пресуда бидејќи Судот не пронашол цврсти докази што посочуваат на негова инволвираност во настанот. Освен Рами кој од денеска е на слобода, останатите обвинетите остануваат во притвор до правосилноста на пресудата.

Во напната и емотивна атмосфера, под засилено полициско обезбедување, денеска во преполната судница во Основниот суд Скопје 1 беше изречена пресудата за  петкратното убиство што пред две години, на Велики Четврток, се случи кај Смилковското езеро. Судијата Ивица Стефановски во образложението на пресудата истакна дека овој настан ја згрозил целата јавноста без оглед на етничката и верска припадност.

„Се работи за настан од кој беше згрозена целата македонска јавност, настан во кој пет млади луѓе прерано го завршија својот живот, настан кој ќе остане врежан кај сите граѓани без оглед на нивната верска, етничка или било каква друга припадност. И покрај различната етничка припадност на жртвите и на обвинетите, оваа постапка не треба да ги доведе во прашање меѓучовечките односи и соживотот во Република Македонија, како што некој тоа сакаше  да го прикаже во јавноста. Oвде, во оваа судница, се суди за сторени, конкретни кривични дела, за конкретно преземени дејствија и се суди врз основа на докази според кои се одредува вина. Не се водевме според емоциите што се искажуваа во судницата, туку се водевме едноставно по тоа што како суд сме должни да се водиме, а тоа е законот“, истакна судијата Стефановски кои дозволи камерите да го снимаат целосното изрекување на пресудата што е ретка пракса во македонското судство.

Судијата преку своето образложение направи анализа на судскиот процес кој започна на 20 декември 2012 година и во рамки на кои се одржаа 46 рочишта. Според него од бројните материјални докази, како и вербални докази се докажала вината на шестмина од обвинетите. 

Стефановски, истакна дека признанието на Хаки Азири, кој првенствено се водеше како загрозен сведок, а подоцна како обвинет било поткрепено и од материјалните докази.

Од лево кон десно: петтообвинет Сејди Рами - ослободителна пресуда, адвокат Митко Солаков, адвокат Асмир Алсипаиќ, шестообвинет Хаки Азири - доживотна казна затвор, седмообвинет Сами Љута - доживотна казна затвор

Азири во својот првичен исказ даден во истрага во присуство на неговиот бранител, кој подоцна го негираше тврдејќи дека го дал под присила на полицијата, вели дека неговата улога во овој кривично-правен настан била да ги пречека обвинетите Алил Демири  и Африм Исмаиловиќ. Имено, според кажаното во истрага, тој на критичниот ден во 18.30 часот со неговото возило најпрвин го однел обвинетиот Агим Исмаиловиќ од населбата Топанско поле на автобуското стојалиште познато како последна 9 – ка, каде Агим  од возилото на Азири се префрлил  во возило „Опел омега“ и заминал. 

„Хаки Азири со неговото возило Мазда, како што претходно се договориле, заминал на обиколницата да ги чека. Околу 20 часот на обиколницата, позади него се паркирало возилото „Опел омега“ темно црвена боја,  од кое излегле обвинетите Алил Демири и Агим Исмаиловиќ  и влегле во неговото возило. Двајцата, имале црни ракавици и црни капи-фантомки, кои им биле спуштени до половина на челото“, образложи судијата.

„Од  одбраната на обвинетиот Хаки Азири дадена во истрага произлезе дека во овој кривично-правен настан дирекно учество имале обвинетите Алил Демири, Африм  и Агим Исмаиловиќ, како и самиот Хаки Азири“, додаде Стефановски потсетувајќи дека оваа одбрана на обвинетиот е снимена и истата на главен претрес  и јавноста имаше можност да ја види.

Опелот, како што рече судијата, подоцна е најден кај местото викано Вражји Вир, а примероците од земја најдена на калниците од возилото се совпаѓаат со примероците од земја земени од местото на убиството.

„Околноста која произлезе од исказот на Хаки Азири, дека обвинетите Агим Исмаиловиќ, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се превезувале со предметното патничкото моторно возило Опел Омега (црвена боја), најде поткрепа и во  вештачењето на траги од биолошко потекло. ДНК профилот добиен од трагите од биолошко потекло подигнати од површината на наслонот за глава, на десната страна на задното седиште од ПМВ Опел Омега,  се совпаѓа со ДНК профилот, добиен од брис од усна шуплина, земен од обвинетиот Алил Демири, од страна на СВР Куманово“, рече Стефановски.

Судијата се осврна и на исказот на загрозениот сведок кој наведува дека неколку денови пред да биде извршено убиството кај Смилковското езеро во повеќе наврати биле забележани обвинетиот Сами Љута и обвинетиот Фејзи Азири.

Стефановски укажа и на фактот што Фејзи Азири во инцидент кој се случил 2009 година на неговата фарма во Белимбегово заедно со уште три непознати лица пукале од различно огнено оружје. Според вештачењето едно од овие три лица го користело оружјето што потоа исто така е употребно при извршувањето на петкратното убиство на Смилковското езеро.

„Овој доказ упатуваат на директно учество на обвинетиот Фејзи Азири во овој кривично правен настан, со што се потврдуваат наводите на загрозениот сведок“, нагласи судијата.

Тој исто така наведе дека од ПИМ мерките се утврдило дека токму Фејзи им помогнал на Демири и Исмаиловиќ да побегнат во Косово. Дополнително, како што рече судијата, фрла сомнеж и тоа што на денот кога од Македонија побегнале првообвинетите, Сами Љута му се пожалил телефонски на свој роднина дека се случува „нешто страшно“, но никогаш во текот на постапката не открил за што всушност зборува. 

Судијата ја посочи и содржината најдена во компјутерите на обвинетите, а посебно ги истакна фотографиите од Смилковскоте езеро и обиколницата најдени во компјутерот на Демири. Заклучи истакнувајќи дека тие за извршување на свирепото убиство одбрале локација која добро ја познаваат, како и од која лесно може да се избега во посакуваниот правец.

„Сето ова води кон насока дека обвинетите добро ја одбрале локацијата на кривично правниот настан, локација на која секогаш има луѓе, локација која им е добро позната, место што е покрај обиколницата, а од каде многу брзо и лесно можеле да избегаат во посакуваниот правец. Времето на извршување е непосредно пред затемнување, кога видливоста е намалена и кога од една страна знаат дек рибарите – жртвите  си заминуваат, а од друга страна знаат дека не можат да бидат видени и  можат полесно  да се дадат во бегство без да бидат забележани“, подвлече судијата Стефановски и додаде дека сериозноста на овој настан ќе остави трага на целото општество.

Врз основа на изнесеното, судскиот совет ги прогласи за виновни и ги осуди на доживотна казна затвор обвинетите Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ,  Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено обвинетиот Сејди Рами доби ослободителна пресуда бидејќи судот не пронашол цврсти докази што посочуваат на негова инволвираност во настанот.

Судијата укажа дека обвинетите имаат право на жалба пред повисокиот суд. 

Пресудата не ја слушнаа првообвинетите Алил и Африм, кои моментно се во затвор во Kосово поради недозволено поседување оружје. Косовските власти сѐ уште не одговориле на барањето на Македонија за нивна екстрадиција.

СЕМЕЈСТВАТА НА ЖРТВИТЕ: Државата да ги открие нарачателите!

ОДБРАНАТА: Нема докази, нема сомнение!

За да се задоволи правдата, државата треба да ги открие нарачателите на убиството, порачаа семејствата на жртвите по изрекувањето на пресудата.

„Не сме задоволни. Треба да се најдат нарачателите. Пет телефонски броеви, кои ги посочил во изјавата заштитениот сведок, се заштитени како ‘државна тајна’. Кој и зошто ги крие тие пет лица? Да не ги повторувам нивните функции , ама 5-тиот да не доведе до претседател на политичка партија. Државата да не се плаши да ги открие нарачателите!“, рече Горан Наќевски, татко на убиениот Александар Наќевски.

Роднините на обвинетите, пак, револтирано дофрлаа дека пресудата е донесена без докази, дека се работи за политички монтиран процес и дека обвинетите всушност не се виновниците. 

„Пресудата беше позната уште во мај пред две години кога обвинетите беа уапсени, а сега само стана јавна. Мојот брат беше осуден пред да излезе пред истражен судија. Со тоа се докажува дека судијата само ги исполнува желбите на врвот на државата“, рече , Бедри Хајдари, брат на обвинетиот Фејзи Азири.

Адвокатите на обвинетите истакнаа дека не се задоволни од пресудата и дека истата ќе ја обжалат пред Апелациониот суд. 

„Ова е далеку од правна држава, а тоа го покажува токму оваа пресуда. Вокабуларот на претседателот на Советот, кој употреби термин „фрла сомнение“, укажува дека сомнението секогаш оди во прилог на обвинетите. Јас сметам дека оваа пресуда е базирана само на сомнение, нема никакви докази и образложението тера на големи сомненија на владеењето на правото во Република Македонија. Ќе ја обжалиме пресудата во рок од 15 дена“,  изјави Насер Рауфи, адвокат на обвинетите.

Митко Солаков, адвокатот на обвинетиот Сејди Рами, кој  доби ослободителна пресуда, рече дека против неговиот клиент во ниту еден момент немало цврсти докази за иволвираност во кривично-правниот настан.

„Не можам да бидам среќен во овој момент бидејќи за сите други обвинети јас сум убеден дека во текот на постапката немаше некој цврст доказ со кој ќе се докаже нивната вина. Можеби имаше некои индиции, меѓутоа, цврсти докази немаше во овој предмет“, изјави Солаков.

Засилено полициско обезбедување околу Судската палата

Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски и Борче Стевковски беа убиени со вкупно 21 истрел од автоматски пушки и пиштол на 12 април 2012 година, Велики Четврток,  додека ловеа риба кај Смилковското езеро. Според Обвинителството, мотивот за свирепото убиство е предизвикување чувство на страв и несигурност кај  македонското население.

(Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk)