/ Прочитано:

1.284

СТАТУСОТ ПЕНЗИОНЕР ПРЕД СТРУЧНОСТА: Нема дискриминација во условот само пензионери да членуваат во Советот за факти – одлучи Уставниот суд

Среда, 4 ноември 2015 – Уставниот суд на денешната седница ги отфрли двете иницијативи за оценување на уставноста на членот 6 од Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност на судија, според кој само пензионирани судии, адвокати, обвинители и професори со непрекинат стаж од над 15 години во професијата можат да бидат членови на новото судско тело. За најголемиот дел од уставните судии нема ништо противуставно во оваа одредба и Уставниот суд не е надлежен да ги определува критериумите за вработување, туку тоа го прави законодавецот. На ваквата одлука на Уставниот суд и претходеше жестока дискусија. Според дел од судиите, очигледни се елементите на дискриминација во Законот. 

Судијата известител Владимир Стојаноски објасни дека се работи за две иницијативи  во кои се наведува дека членот 6 е во спротивност со член 9, член 54 и член 32 од Уставот, како и со член 104 од Законот за работни односи. Стојаноски истакна дека формирањето на Советот е во согласност со препораките на ЕУ, како и на ГРЕКО. Според Стојаноски, составот на советот и критериумите кои се определени се работа на законодавецот, а не на Уставниот суд, па оттука, како што рече, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за условот – кандидатот да е пензиониран, како и за прагот од 15 години стаж во професијата.

Според судијката Наташа Габер-Дамјановска статусот пензионер не може да се врзе со условот за вработување бидејќи на овој начин се дискриминираат граѓаните кои исто така се стручни, а истовремено го исполнуваат и условот за 15-годишен стаж.

„Одредбата треба да е поставена неутрално. Елементот пензионер никако не е гаранација за стручноста на кандидатот, други елементи ја определуваат стручноста“, истакна таа.

Габер-Дамјановска акцент стави и на фактот што критериумите кои треба да ги исполнуваатт членовите на тело, кое само утврдува факти и покренува постапка против судија, се построги отколку критериумите кои треба да ги исполнуваат членовите на Судскиот совет, кој, пак повторно финално одлучува дали некој судија ќе биде разрешен.

Најжестока во својата аргументација зошто членот 6 се коси со Уставот беше судијката Гзиме Старова. Таа истакна дека не спори дека треба да постои ваков орган, но дека во Законот постојат елементи, како што рече,  тројно ниво на дискриминација.

„Не им се дава еднаква можност на сите заинтересирани кадидати за вршење на оваа функција. Не се овозможува еднаков пристап на сите лица од една професионална фела. Врзувањето на условите со работен однос е една работа, ама оневозможување на пријавување на другите кандидати е сторена со атрибутот – пензиониран. Значи судии, обвинители, адвокати и професори кои не се пензионирани не можат да се пријавуваат без разлика на нивната стручност“, истакна Старова.

Условот – над 15 години стаж, исто така спорен за некои од судиите

Според Старова и предвидениот услов од над 15 години непрекинат стаж во професијата е спорен. Таа дилемата во однос на ова прашање ја објасни низ призма на своето професионално искуство, но и на другите уставни судии.

„Дали мислите дека можеме да најдеме професор од редот на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Во мојата генерација многу ретко ќе најдете пензиониран професор со 15 години стаж како редовен професор, бидејќи магистратурите траеа по 4-5 години, докторатите 5-6, па додека те изберат за професор… Јас сум првата жена Албанка доктор на науки, а на Правниот факултет сум прв доктор на науки од албанска националност. Дури во 2002 бев избрана за редовен професор, а во 2008 за уставен судија и ете не стигнав да имам стаж од 15 години “, рече таа.

Забелешка имаше и поради тоа што во рамки на рефератот на судијата известител немало компаративна анализа.

„Овој Закон веројатно и во Собрание бил со европска ѕвездичка, но немаме компаративно согледување за тоа какво искуства имаат земјите членки на ЕУ во однос на ова прашање“, истакна Старова.

Според судијата Никола Ивановски, пак, нема дискриминација во членот 6 од Законот.

„Легитимно право на законодавецот е да ги пропише условите за вршење на јавна функција. Што не е уставно тука, не можам да сфатам. Убеден сум дека членот 6 е уставен“, рече тој.

Судијата Сали Мурати, пак, се сложува со своите колешки Габер-Дамјановка и Старова дека Законот има елементи на противуставност.

„Прашањето е дали со овој Закон се врши упад во Законот за Судски совет… Истовремено овозможуваме пензионери да се враќаат на работа, наместо да стимулираме вработување. Другата дилема е стажот – што ако работел 13 години како обвинител, а потоа професор. Што ако е најдобриот практичар во Македонија нема 15 години стаж?! Многу работи се спорни во овој закон“, истакна тој.

Судијата Стојановски реплицираше, истакнувајќи дека изборот на кандидатите го вршат самите судии и дека Уставниот суд нема надлежност да одлучува за критериумите, или, пак дали прагот за потребен стаж бил висок или низок.

На ова следеше коментар од Старова:  „Јас сум зачуденa! Велите критериумите ги дава законодавецот и ние тука ништо не можеме?! Епа тогаш воопшто да не ги разгледуваме иницијативите кои ни’ пристигаат, а се однесуваат на критериуми. Дали ќе помине Законот? Знаеме дека ќе помине. Не се работи за тоа што ги бираат судии, туку дека има дискриминација и исклучување на цела категорија граѓани… Можам да бидам генијална, ама не можам да влезам во Советот зошто не сум пензионер. Апсурд!“

Поднесувачите на иницијативата: се дискриминираат младите и стручни правници

Иницијативите за оценување на уставноста на членот 6 од Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност беа поднесени од страна на Демократскиот сојуз (ДС) и на пензионираниот јавен обвинител Бардул Кука. 

Според Демократскиот сојуз членот 6 не е во согласност со член 9 од Уставот на Република Македонија и е во спротивност и со член 104 од Законот за работни односи, каде е предвидено на работникот да му престане работниот однос, со 64 години, односно со 67 години старост. Покрај тоа, според ДС, членовите на овој Совет, во суштина како пониско тело на Судскиот совет на Република Македонија, во постапката за утврдување на одговорност на судиите, треба да извршуваат работи за кои се бара стручност, но и исклучителен напор при обезбедување на податоци и докази неопходни за поведување постапка за одговорност на судиите.

„Оваа активност можат да ја извршуваат  млади, стручни кадри (дипломирани правници), кои користат повеќе јазици, компјутери, како и кадри кои не се оптоварени со релации со судиите, обвинителите  и сл.“, е ставот на ДС.

Трет оглас за избор на пензиониран професор од малцинските заедници

По два неуспешни обиди за избор на членови  на Советот од редот на пезионираните професори, Судскиот совет денеска распиша трет оглас кој единствено се однесува на едно лице од редот на пензионирани универзитетски професори на правните факултети од редот на припадниците на заедниците кои не се мнозинство. Имено, на првиот оглас се пријавија пензионираните професори Саво Климовски и Осман Кадриу, но Климовски ја повлече кандидатурата, а Кадриу не ја поднел пријавата навремено, па огласот беше поништен. На вториот од октомври, пак, Кадриу повторно се пријавил, но наводно не ги исполнувал условите во однос на стажот од 15 години, па денеска повторно е распишан оглас за еден член. Покрај него, на вториот оглас конкурирал и професорот Симеон Гелевски, кој ги исполнува условите, но пред да се спроведе изборот од страна на судиите треба да ги помине психолошкиот тест и тестот за интегритет.

Во меѓувреме, примената на Законот стартуваше уште во мај годинава, но претставките на граѓаните го чекаат конституирањето на Советот кој никако  да профункционира поради кусокот од двајца членови.

Од Судскиот совет  за Академик велат дека ова одредба не ги спречува веќе избраните членови да се конституираат, да изберат претседател и да почнат со работа.  Ставот, пак, на седуммината избрани членови е дека Законот не може да се толкува на овој начин и дека тие не можат да почнат со работа додека не бидат избрани и двајцата членови од редот на пензионираните професори.

На гласањето за избор на членовите на Советот за утврдување на факти што се одржа на 10 јули годинава,  од вкупно 594 судии излегоа 535, а неважечки беа дури 160 ливчиња.  Од редот на пензионираните судии беа избрани Јордан Лазаров, Злата Стамболиска и Фатон Пачуку. Од редот на пензионираните обвинители беа избрани Иван Јакимовски, Кире Секуловски и Фета Исени, додека од редот на пензионираните адвокати – Сашо Поцевски. 

Според дел од од судиите, бројката од 160 неважечки ливчиња е показател дека судиите се спротиставуваат на формирањето на судското тело кое ќе ја оценува нивната работа. Претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова на вчерашната дебата во МАНУ за независноста на судство, дури  го нарече новото тело „антитело.“

Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, согласно законот, е надлежне да утврдува на факти и донесува на одлуки за потребата од доставување на барање за покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд пред Судскиот совет, кој, пак, повторно ќе ја носи крајната одлука.


Објавено: 5.11.2015

Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk