/ Прочитано:

706

Мрежа за заштита од дискриминација: Новите измени на Законот за работни односи ги дискриминираат мажите

Вторник 17 декември 2013 – Новиот Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за работни односи воведува ново работничко право кое можат да го користат само работничките, односно право на неплатено родителско отсуство, велат од Мрежата за заштита од дискриминација

Потврда за тоа дека правото на неплатено отсуство нема за цел да ги зајакне ниту работничките, ниту родителските права, е токму фактот што правото се однесува само на жената – мајката. Ваквата нерамноправна поставеност на жената – мајка и мажот – татко само ја потенцира и поттикнува традиционалната улога на жената како мајки и негувателки, се наведува во соопштението на Мрежата за заштита од дискриминација.

Во соопштението се додава дека во Република Македонија жените работнички се соочуваат со прекршувања на нивните права како при вработување, така и на работното место, а пак женскиот труд е помалку платен и незаштитен. Жените работнички немаат на располагање ефикасни и ефективни правни и институционални механизми и тела кои можат да ги искористат за да ги заштитат своите права, па неретко се случува да добијат отказно решение чиј мотив е бременоста или пак да се соочат со виктимизација при пријавување на прекршување на одредбите од ЗРО.

Мрежата за заштита од дискриминација ја поддржува идејата на измените и дополнувањата на Законот за работни односи во правец на согледување на потребата родителите да поминуваат повеќе време со своите деца и да се грижат за нивниот правилен раст и развој. Но, улогата во правилниот раст и развој на детето не и’ припаѓа ексклузивно на мајката, туку и на таткото. Предложеното законско решение ги дискриминира мажите ускратувајќи им го правото на неплатено родителско отсуство, а пак од друга страна единствено ја потенцира улогата на жената во домот околу грижата за раст и развој на децата.