/ Прочитано:

2.043

МТСП: Усвоени проекти за унапредување на социјалната сигурност и за стандард на пензионерите

На денешната седница на Советот за социјална сигурност беа разгледани предлог-проекти за подобрување и унапредување на социјалната сигурност и животниот стандард на корисниците на пензија во периодот 2018-2020 година.

На седницата биле усвоени следните проекти, чија имплементација ќе започне во почетокот на 2018 година:

– ќе се воведе задолжително издавање на преглед за стаж и плати, со потврдени податоци во матичната евиденција, за сите работници, три години пред исполнување на услови за пензија;

– пензиите ќе се усогласуваат два пати годишно, според порастот на трошоците на живот во висина од 50 отсто и порастот на платите во висина од 50 отсто и ќе се разгледува можноста за дополнително усогласување доколку се бележи раст на економијата;

– ќе се донесе подзаконски акт за утврдување на минимална и максимална цена на сместување во приватните установи за грижа на старите лица, како и зајакнување на контролата во овие установи;

– ќе се воведат нови пакувања на лекови, како и можност за подигнување терапија на парче за хронично болните пациенти;

– за хронично болните лица ќе се овозможи подигнување на тримесечна терапија;

– ќе се унапреди соработката со невладиниот сектор (Сојузот на здруженија на пензионери, Црвениот крст на Република Македонија) за обезбедување на социјални и здравствени услуги на старите лица.

На седницата, исто така, била утврдена и потребата од продолжување на проектот за бањско-климатска рекреација за пензионерите, со можност за ревидирање на критериумите за упатување на користење на услугата.

Во Советот за социјална сигурност членуваат претставници од: Сојузот на здруженијата на пензионерите, Црвениот крст на Република Македонија, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Министерството за финансии, Министерството за економија, Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Фондот за здравствено осигурување на Македонија, МАПАС и двете пензиски друштва, соопшти Министерството за труд и социјална политика.