/ Прочитано:

693

МВР ја стартуваше кампањата „Безбедни матурски и полуматурски прослави“

Четврток, 10 април 2014 – Во пресрет на матурските вечери во мај, Одделението за превенција при Секторот за внатрешни работи денеска ја промовираше годинашната кампања со совети за матурантите и полуматурантите како да се однесуваат и на што да внимаваат кога ќе слават.

Кампањата „Безбедни матурски и полуматурски прослави“ беше промовирана во рамки на  Деновите на образование и кариера. СВР има  штанд со брошури и инфоматеријали, меѓу другото, и извадоци од Законот за прекршоци на јавниот ред и мир, од Кривичниот законик и од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата. Летоците ќе им се делат и во училиштата.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска рече дека превентивата е цел на кампањата, за младите да не бидат санкционирани или во опасност.

„Младите да бидат свесни дека несовесното однесување понекогаш може да ги чини живот, посебно во сообраќајот. За жал, во изминатата година имавме зголемен број сообраќајни несреќи со смртни последици, во кои жртви беа токму младите. За матурските прослави, ставаме јасно до знаење како треба да се однесуваат кога слават, за воопшто да не дојдеме во ситуација да го имплементираме законот. Цениме дека превенцијата е најдобар метод за почитување на законите и затоа вложуваме толку напори и енергија, рече Јанкулоска за кампањата за безбедни матурски прослави“, со која МВР шеста година учествува на Деновите за образование и кариера.

По посетата на штандовите на саемот, заедно со министерот за образование и наука Спиро Ристовски, Јанкулоска  рече дека на младите им се презентираат и можностите кои ги нуди Владата  за поддршка на образованието, како што е стипендирањето на секој што ќе се запише на првите сто рангирани универзитерти на Шангајската листа, односно на 200-те најдобри од областа на техничките науки.

„Ништо не може да го замени знаењето и тоа е единствен капитал на поединецот кој може секаде и секогаш да го носи со себе“, додаде  министерката за внатрешни работи.