/ Прочитано:

932

МВР: Ниту еден од мигрантите во Ваксинце не посочил дека е жртва на присилба, закана или уцена

Четврток, 11 јуни 2015 – Ниту еден од мигрантите кои беа пронајдени во полициската акција во кумановското село Ваксинце не посочил дека бил жртва на принуда, закана или уцена и сите дошле во Ваксинце по сопствена волја, велат од Министерството за внатрешни работи по спроведената акција којашто следуваше по написите во странски медиуми дека криминална група држи мигранти во заложништво во ова село.

Во акцијата на МВР пронајдени се вкупно 128 мигранти од Сирија, Ирак и од други земји од Блискиот Исток. Илегалните мигранти биле сместени во пет објекти, а биле претресени вкупно десет куќи. Сопствениците на објектите, според сознанијата на МВР, ги изнајмувале куќите по цени во просек од 1.500 евра месечно, во зависност од тоа за каков објект се работи.

Ако ги примале сами мигрантите, им наплатувале од 5 до 10 евра само да се засолнат во објектот без да им дадат кревет за парите што ги плаќале. „Од досега извршените разговори со илегалните мигранти, посочено е дека сите дошле во Ваксинце по сопствена волја, патувајќи од соседна Грција кон побогатите земји-членки на Европската Унија, односно ниту еден од нив не посочил дека бил жртва на принуда, закана или уцена во однос на престојот“, изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски. За криумчарње мигранти ќе биде поднесена кривична пријава против четири лица од село Ваксинце на возраст од 32 до 61 година, сопственици на објектите во коишто се пронајдени мигрантите. При претрес на објектите пронајдени биле еден пиштол марка „гроу мини – 8 мм“ со рамка со 5 куршуми и 7 куршуми кои дополнително се пронајдени во ранец од мигрантите во чајџилница, каде што се откриени 41 мигрант. Во останатите објекти пронајдени и одземени се 11 куршуми 9 мм, компјутер, два лаптоп компјутери, три мобилни телефони, два џебни ножеви, една кошула со амблем на УЧК, еден тактички елек, една маскирна кошула без амблем и парични средства во износ од 2.400 евра. При претресот во куќите приведен е и шеесет и осумгодишен жител на селото, кој е осуден на затворска казна за убиство коешто го извршил во 2001 година. „Причината за убиството е што пријавените, револтирани бидејќи сега убиениот не се согласувал на брак помеѓу неговата ќерка и синот на приведеното лице, се упатиле кон неговата куќа и по кратка расправија започнале да пукаат кон него при што му нанеле четири прострелни рани. Истиот бил пренесен во Ургентен центар Скопје каде што на 8 јануари 2001 година им подлегнал на повредите“, изјави Котевски. Откако во Македонија голем број мигранти загинаа на железничките пруги и беа мета на шверцерите со мигранти, во процедура се измените на Законот за азил и привремена заштита. Од МВР појаснуваат дека завршила фазата на давање предлози и сугестии и продолжува постапката за носење на Законот во Собрание. Со измените ќе им се овозможи на мигрантите легален транзит низ земјава во период од 72 часа или да побараат азил во Македонија. Ќе можат легално да платат превоз и други услуги.