/ Прочитано:

664

МВР поднесе кривична пријава против петмина судии од Основниот суд Прилеп и четворица лекари

Среда, 8 јули 2015 – Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе кривична пријава против петмина судии од Основниот суд Прилеп, против тројца вработени во ЈЗУ „Психијатриска болница Демир Хисар“ и против еден раководител на затворска здравствена служба при КПУ „Идризово“ Скопје, под сомнение дека сториле кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „помагање“.

Тие, според МВР, наводно, на лице осудено со правосилна пресуда за убиство му овозможиле да не издржи голем дел од изречената казна.

Станува збор за убиство кое лицето го извршило на 30 септември 2006 година во Прилеп, кога со ловечка пушка го убил 29-годишниот Љупчо Коларовски заради нерасчистени должничко-доверителски односи.

Според МВР, првите петмина пријавени во својство на службени лица, вработени како судии во Основен суд Прилеп, заедно со лицата вработени како доктори во Психијатриска болница во Демир Хисар и доктор вработен во КПУ „Идризово“, наводно, во периодот 2012 до 2014 година презеле дејствија кои не смееле да ги преземат, односно континуирано ги пречекорувале своите службени овластувања, преку донесување одлуки спротивни на Законот за извршување на санкциите. Дел од пријавените, истакнуваат од МВР, преку изготвување на невистинита медицинска документација му овозможиле на осуденикот, осуден на казна затвор во вкупно траење од 10 години и 7 месеци за кривични дела „убиство“ и „измама“ да не ја издржува казната затвор и да биде на слобода спротивно на Законот за извршување на санкциите и Законот за кривична постапка.

„Поконкретно првопријавениот, во својство на судија за извршување на санкции, се товари дека ги пречекорил границите на своето службено овластување, на начин што, во постапките за прекин на издржувањето на казната затвор, донел решенија за прекин на издржување на казната врз основа на ирелевантна медицинска документација, а донел и одлуки за прекин на издржувањето на казната затвор без воопшто да обезбеди мислење од затворската здравствена служба на КПУ Идризово. Тој донел и Решение за прекин на издржувањето на казната затвор поради лекување од позиција на слободен граѓанин, спротивно на Мислењето на затворската здравствена служба на КПУ Идризово, според кои, пак, лекувањето требало да се врши во психијатриска установа од затворен тип.

Решенијата за прекин на издржувањето на казната затвор биле спротивни и на седум мислења на Основното јавно обвинителство Прилеп, кои биле негативни во однос на донесување на судска одлука за прекин на издржувањето на казната. Пријавениот не презел службени дејствија кои бил должен да ги преземе, односно ниту еднаш во 25-те месеци во периодот од 19.7.2012 до 26.9.2014, додека осуденикот неосновано бил на слобода, не ги ставил вон сила решенијата на Основен суд Прилеп. Исто така Љ.Т. не презел дејствија на присилно спроведување на доиздржување на казната затвор во КПУ Идризово, иако знаел дека рокот на важење на прекините на издржување на казната, во согласност со решенијата на Основен суд Прилеп, бил истечен, овозможувајќи му на осуденикот само по основа на истечени рокови по решенијата, 138 дена неосновано да се наоѓа на слобода“, се вели во соопштението на МВР.

Според МВР, останатите пријавени судии, како членови на Кривичен совет во Основен суд Прилеп, идентично како првопријавениот, а спротивно на Законот за извршување на санкции и Законот за кривична постапка, гласале да му се прекине издржувањето на казната, без притоа воопшто да биде обезбедено мислење од затворската здравствена служба на КПУ „Идризово“ и од надлежниот јавен обвинител.

Пријавениот раководител на затворска здравствена служба при КПУ „Идризово“, пак, според МВР, на 2.7.2012 и на 29.10.2013 сочинил две мислења во кои внел невистинита содржина дека актуелната здравствена состојба на осуденикот била влошена, иако врз основа на медицинската документација со која располагал и која бил должен да ја води во согласност со Законот за извршување на санкции, знаел дека тоа е во спротивност со фактичката состојба.

„Со ваквите мислења овозможил судијата за извршување на санкции да донесе решение за осудениот неосновано да се наоѓа на слобода и да не ја издржува казната затвор. Исто така, пријавените лекари од ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар, со пречекорување на своето службено овластување, со цел да му овозможат на осуденикот неосновано да ги исполни законските услови за прекин на издржувањето на казната затвор, до судијата за извршување на санкции доставиле известување во кое внеле невистинита содржина дека амбулантските прегледи на осуденикот во дневната болница при ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар се вршат ‘после чести епилептични напади’, иако знаеле дека тоа е во спротивност со фактичката состојба и релевантната медицинска документација со која располагале како одговорни лица во болницата.

Со намера да прикажат дека осудениот се лекува во судско психијатриското одделение, кое е од затворен тип и во кое исклучиво се лекуваат осуденици под постојан безбедносен надзор, а не дека е на слобода и се лекува амбулантски, изготвиле и потпишале извештаи на специјалист и  супспецијалист во кои внеле невистинита содржина дека тој се лекува во затвореното судско психијатриско одделение при ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар“, истакнуваат од МВР.

Обвинителството: содржината на пријавата се проверува

Од Основното јавно обвинителство во Прилеп потврдуваат дека ја добиле кривичната пријава, но демантираат дека имало апсења на судии. 

„Основното јавно обвинителство – Прилеп ја проверува содржината на кривичната пријава, по што надлежниот обвинител ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“, информираат од Обвинителството.

Е. П.