/ Прочитано:

1.953

МВР советува внимателно да се вршат исплати преку интернет

Поради комплексниот начин на истрага која ги вклучува меѓународните организации за полициска соработка и различните законски регулативи во државите каде што се одлеваат „украдените“ парични средства, најдобриот начин за борба против овој вид на криминал е превенцијата и високото ниво на свест при користење на интернет-мрежата во деловната комуникација, велат од МВР.

Илустрација, хакерски напад

Поради сè поголем број пријави што се однесуваат на дела од областа на компјутерскиот криминал, Министерството за внатрешни работи ги советува правните субјекти и граѓаните внимателно да склучуваат договори и да вршат исплати преку интернет.

„Измамите најчесто се вршат така што имејл-адресата со која комуницира македонскиот правен субјект со своите соработници од земјава и странство а преку која се договараат деловни зделки и уплати на парични средства е злоупотребена, односно имејл-адресата и лозинката се украдени при што содржината на истата е под контрола на измамниците. Откако измамниците пристапиле до имејл-адресата, истите тајно ја надгледуваат имејл-кореспонденцијата и на тој начин имаат увид во деловни соработки и договори. Ова мониторирање на имејл-комуникацијата се врши до моментот кога ќе се оствари договор со бизнис-соработникот за уплата по основ на фактура/профактура за конкретна услуга. Во тој момент од страна на измамниците кои имаат целосен пристап на имејл-адресата се врши измена, односно се фалсификуваат банкарските податоци на испратената фактура со цел истата од страна на жртвата да се уплати во друга банка на лажна сметка. Најчесто, овие лажни сметки се отворени во различни држави на светот и наменски се користат од страна на измамниците за вршење на ваков вид злоупотреби“, се наведува во соопштението на МВР.

Поради комплексниот начин на истрага која ги вклучува меѓународните организации за полициска соработка и различните законски регулативи во државите каде што се одлеваат „украдените“ парични средства, најдобриот начин за борба против овој вид на криминал е превенцијата и високото ниво на свест при користење на интернет-мрежата во деловната комуникација, велат од МВР.

Одделението за истраги на компјутерски криминал при Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика ве советува следното :

  • имејл-адресите  кои правните субјекти ги употребуваат за деловна соработка да се користат максимално професионално и од страна на ограничен број вработени во фирмата;
  • корисничките лозинки на имејл-адресите да содржат комплексни карактери и да се менуваат на одреден временски период;
  • доколку е возможно, за деловни потреби да се избегнува користење на комерцијални имејл-сервиси, а тие да се заменат со професионални ИТ-фирми кои нудат вакви услуги и гаранции за квалитет на услугите;
  • задолжително да се прави телефонска или др. вид на потврда со деловниот соработник за договорените фактури/профактури, особено ако се воочи измена во банкарските податоци каде што треба да се уплатат паричните средства;
  • сомненијата за измами во истиот момент да се пријават до одговорните во Банката каде што правниот субјект е клиент за да може навремено да се превенира во извршувањето (процесирањето) на трансакцијата;
  • пријавите или информациите за постоење на сомненија за овој вид измами да се пријават до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, односно до сите отсеци за компјутерски криминал на регионално ниво (СВР Скопје, СВР Велес, СВР Штип, СВР Струмица, СВР Битола, СВР Охрид, СВР Тетово и СВР Куманово).