/ Прочитано:

748

МВР трага по насилниците кои со шипки претепаа средношколци во автобус на ЈСП

Петок, 15 ноември 2013 – Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, по инцидентите кои вчера се случија во автобуси на ЈСП, информира дека МВР ги презема сите мерки за откривање на сторителите и расчистување на случајот. Во меѓувреме, граѓаните во Стајковци вознемирени и гневни, бараат да се открие кој ги претепал осумте средношколци што вчеравечер се враќаа дома од настава.

„Вчера имаше повеќе инциденти од кои најсериозен беше во автобусот на ЈСП, а МВР интензивно постапува по сите случаи во рамки на своите надлежности и дејствувања“, истакна Јанкулоска и во врска со вчерашниот мирен протест на месното население во Стајковци, кое го блокираше патот по инцидентот, со барање за отворање полициска станица и зголемено присуство на полицијата на нивна територија, министерката Јанкулоска нагласи дека сите барања кои пристигнуваат до МВР соодветно се разгледуваат и анализираат и дека тоа е доказ дека граѓаните имаат доверба и можат да се потпрат на полицијата.

И министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, најостро го осуди завчерашниот инцидент во автобусот „45“ на ЈСП „Скопје“ во кој беа повредени осум ученици.

„Припадниците на МВР и обезбедувањето на училиштата се присутни во сите училишта во Република Македонија, во училиштата и училишните дворови се’ уште се во сила безбедносните мерки, а за инциденти надвор од нив е надлежна полицијата“, рече Ристовски.

Седум малолетни момчиња и едно девојче од Стајковци, Булачани и од Раштак, беа нападнати околу 19 часот во близина на црквата во селото Синѓелиќ. Според информациите на полицијата, насилниците кои биле маскирани со шалови и вооружени со метални шипки, со возило му го попречиле патот на автобусот и влегле внатре, по што претепале неколку патници. На излегување од автобусот, се обиделе да извлечат малолетник, но не успеале.

Повредените се пуштени на домашно лекување и нивната состојба е стабилна откако вчера во автобус во близина на Сингилиќ беа нападнати од заега непознати лица.