/ Прочитано:

810

МВР заплени 140 килограми дрога, четири лица се лишени од слобода

Вторник, 8 април 2014 – Вкупно 135.5 килограми марихуана и пет килограми хашиш заплени полицијата во синоќешната акција во близина на граничниот премин Богородица. Се работи за три одвоени случаи во рамки на операцијата „мрежа“ за сузбивање на нелегалната трговија за злоупотреба на наркотици, при што од слобода се лишени четири лица, а други пет се во бегство. Со акцијата е пресечен меѓународен канал за шверц на дрога од Албанија преку Македонија во Грција, информираше денеска министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешната прес – конференција нагласи дека во два од случаите се пресечени меѓународни канали што служеле за шверц на наркотици главно од Албанија.

МВР против приведените има поднесено кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.  

Во првиот случај во кој дрогата од Албанија преку Македонија и Грција требало да биде пренесена до западноеворпските земји, а од слобода се лишени двајца македонски државјани, а запленети се 136 пакувања односно 135,5 килограми марихуана и 5 килограми хашиш или вкупно 140 килограми дрога. Според досегашните сознанија, истакна Јанкулоска, запленетата дрога потекнува од Албанија, а нејзината проценета вредност е околу 500 илјади евра.

Во близина на граничниот камен број 54 во зелениот појас на граничната линија со Грција, информира министерката, фатени и лишени се од слобода две лица од Стојаково на возраст од 47 и 49 години.

„Кај нив се пронајдени 5 торби во кои имало 138 пакувања марихуана и хашиш. Во бегство се уште 5 засега непознати лица. Полициската патрола пронашла и патничко моторно возило со привремена бугарска регистрација користено за транспорт на дрогата. Утврдено е дека табличките потекнуваат од друго возило“, појасни Јанкулоска и додаде дека пронајденото возило е сопственост на 40-годишно лице од село Калишта од Струга. Тој е лишен од слобода, а на подрачјето на Струга извршен е претрес кај сопственикот на возилото и лице од село Франгово. При претресот пронајдени се ловна пушка, реденик со 15 патрони, воздушна пушка пиштол калибар 7.62, куршуми и празни рамки. Во тек се активности за утврдување и на други членови на криминалната група и целосно расчистување на случајот.

Вториот случај, полицијата во заседа на локалниот пат што ги поврзува гостиварските села Ломница и Неготино во близина на месноста Кисела Вода, пресретнала две непознати лица, најверојатно државјани на Албанија, кои дале активен отпор и избегале во блиската шума. Едното лице го фрлило ранецот што го носело, а во него имало 6,5 непозната тревкаста материја, која најверојатно е марихуана.

Во третиот случај, посочи Јанкулоска, по претходно добиени оперативни сознанија приведено е едно лице од Охрид познато под прекарот Момир, кој со возило „пежо 206“ тргнал на патот кон Битола за да достави марихуана, а претходно дел оставил и во Ресен. Најверојатно се обидел да се ослободи од хероин за време на возењето.

За овој случај, истакна министерката Гордана Јанкулоска, полицијата се уште постапува и презема активнсоти за негово расчистување.

На осомничените им е одредена мерка притвор во траење од по 30 дена.