/ Прочитано:

2.133

Нѐ исполнува идејата и желбата за успех! — Адвокатско друштво друштво „Гоџо, Кичеец & Новаковски“

Како самостојни адвокати имаат долга историја, како адвокатско друштво „Гоџо, Кичеец и Новаковски“ постојат четири години. Охридските адвокати и партнери Ристо Новаковски, Игор Кичеец, Драган Гоџо и Александар Гоџо  последниве години, како што велат, ги исполнува идејата и желбата за успех на друштвото. При нашата посета во Охрид, ги затекнавме во позитивна работна атмосфера, расположени за разговор. Сепак, во име на тимот, на прашањата на АКАДЕМИК одговараше Новаковски, кој гордо истакнува дека едно од најдрагоцените искуства на адвокатското друштво е застапувањето на „Свислион“ во спорот кој оваа компанија го поведе против Македонија во 2009 година пред Меѓународниот арбитражен суд за решавање на инвестициски спорови во Вашингтон. 

Што е она за кое сметате дека Ве разликува од Вашите конкуренти на пазарот?

Па кај нас, во адвокатската дејност како јавна дејност, иако нема силно изразена конкуренција од причина што не смееме да се рекламираме, таа постои. Сепак, можеме да кажеме дека ние сме адвокатско друштво кое имаше спор пред  Меѓународниот арбитражен суд за решавање на инвестициски спорови во Вашингтон, кој заврши со успех и на кои ние многу сме горди. Во тоа време тоа беше прв инвестиционен спор од Македонија кој се водеше пред оваа Арбитража.

Се работи за арбитражниот спор во кој „Свислион“ тврдеше дека Македонија ги прекршила одредбите на Договорот за заштита и промоција на странските инвестиции склучен меѓу Македонија и Швајцарија со неосновано одземање на 26% од акциите на компанијата во „Агроплод“. Вие, како адвокатско друштво, ги браневте интересите на „Свислион“. Евидентно, по објавата на пресудата,  беше што двете страни прогласија „победа“ – прашање за кое многу се крена врева во медиумите. Kако, Вие,  денес, гледате на оваа одлука од Меѓународниот арбитражен суд ?

Во секој спор има еден што ќе победи и друг што ќе изгуби. Од причини за заштита на клиентот јас нема да бидам детален, но од гледна точка на моето учество таму, јас имав голема задача, одговорно тврдам дека „Свислион“ условно победи! Арбитражата го прифати главното барање на „Свислион“: дека му се повредени неговите права согласно меѓународните прописи и тоа е утврдено во пресудата која е јавна. Толкувањето е различно бидејќи имаше парично побарување од „Свислион“, но тоа парично побарување не успеавме да го добиеме бидејќи беше контрадикторно со првото барање каде што се повредени правата. Инаку целта на арбитражата  не е потоа двете страни да останат спротивставени.  По арбитражата се вратија во нормала односите со државата, па и другите спорови кои се водеа во Македонија се разрешени по мирен пат. Повторно најдовме заеднички јазик во интерес на бизнисот. Значи тој спор е решен, но во интерeс на моите клиенти не можам да идам во детали.

Какo го оценувате професионалното искуството кое го стекнавте преку овој спор?

Ние соработувавме со арбитражното одделение „Freshfields Bruckhaus Deringer“, со седиште во Париз. Се работи за број еден арбитражно одделение во светот. Оттаму, соработувавме со двајца адвокати, од кои едниот беше партнер.  Научивме многу за меѓународниот однос и учеството на адвокатите пред меѓународните институции, судовите во странство.  Се надевам дека еден ден она што го видовме таму и во Македонија ќе се примени, иако според мене треба да помине многу време. Ние многу научивме, бидејќи видовме како овие работи се спроведуваат во пракса, а значајно е и што арбитрите во спорот беа еминентни правници со светско реноме. Kако професионалец, соработката што ја имавме со арбитражното одделение „Freshfields Bruckhaus Deringer“ е искуство на кое јас многу се гордеам, како и колегите кои работеа со мене.

Арбитражата, како алнернатива за решавање на трговските спорови, сѐ повеќе се користи во развиените економии. Каде го лоцирате слабиот интерес кај нас за оваа форма на решавање на споровите? 

Јас лично, пред да станам адвокат, работев во ЕМО Охрид каде бев на висока позиција и често работев во странство. Со АД ЕМО имавме искуство со арбитражи, бидејќи фирмата изведуваше работи за странство, но сите тие беа надвор од земјава. Знам дека уште тогаш во Стопанската комора на РМ постоеше постојана арбитража за решавање на споровите, јас сум и на листата на судии таму, но ете сум не сум имал прилика споровите да бидат решавани на тој начин. Слабиот интерес сигурно потекнува од стопанството. Некој кога има верба во нешто сигурно ќе се обрати таму, но сметам дека засега вербата повеќе им се дава на судовите, а се работи и за релативно поевтин начин на решавање на споровите. Не знам колкава е цената на арбитражата при Стопанската комора, но секако има проблем кога не заживеа. Инаку арбитражата е пократкиот и „поразбраниот“ начин, барем според искуството кое ние го имавме.

Го споменавте некогашниот охридски гигант, АД „ЕMO“. Како адвокати кои се занимаваат и со трудовото право, дали често имате клиенти кои се жалат на непочитување на Законот за работните односи, особено од компаниите кои беа под удар на транзицијата? 

Конкрентно за ЕМО можам многу да ви зборувам. Од овој случај не само нашата адвокатска канцеларија, туку сите адвокати во Охрид имаат клиенти. Работниците тужеа за неисплатени плати и придонеси. Сите тие постапки завршија успешно пред судовите, но во постапката за наплата со жалење можеме да констатираме дека завршија неуспешно бидејќи се отворија стечајни постапки на друштвата – т.н. „ќерки“ на ЕМО. Голем дел од работниците останаа со ненаплатени плати и придонеси заради не можност да се наплатат од друштвата кои немаат ниту имот. Моментно се водат стечајни постапки, на работниците им е престанат работниот однос, нормално нивните побарувања ќе се водат како стечајни побарувања, но  тие друштва немаат имот од кои истите би се наплатиле. Според случајот со ЕМО во иднина да биде голем социјален товар за Охрид. Нашето друштво има 20 -30 предмети успешно завршени, но како што кажав  претходно, не можат да се реализираат.  И тоа ни создава проблеми на сите.

Во праксата на друштвото се вбројува застапување пред хашкиот Трибунал, за кое претходно сме зборувале со г-динот Драган Гоџо, но и пракса пред Европскиот судот за човекови права во Стразбур . Какво е Вашето искуство во областа на човековите права, колку се почитуваат правата и слободите на македонските граѓани?

Сметам дека во нашата државата многу често се прекршуваат човековите права. Мојот став е дека тие се прекршуваат на начин што иако е облигаторно или упатно да се применува праксата на Судот за човекови права досега немаме пракса неговите одлуки да се цитирани во некоја пресуда за повреда на право на притвор или сл.  Сепак, можам да кажам дека ние како канцеларија имаме позитивно искуство во тој дел. Инаку морам да констатирам дека и тој суд стана спор, така што се губи интересот за барање заштита на човековите права.

Охрид важи за примамливо туристичко подрачје, а тоа значи и деловно-економска атрактивност. Дали за странските инвеститори се попримарни примамливите природни ресурси или правната сигурност?

Не можам да ви кажам со голема точност бидејќи во Охрид и нема некои поголем инвеститор, кој би имал потреба од значителна правна помош. Тоа е милјето во кое живее Охрид. Значи од гледна точка нашата работа, имаме доста клиенти кои отвораат трговски друштва и бараат правни услуги, значи се работи за значителни средства кои ги вложиле, но не спаѓаат во оној домен на инвеститори кои јавноста би можела да ги препознае. На пример наш клиент се Словенците – „ЛТХ“,  кои имаат 350 вработени. Тие работат тивко и мирно, но многу ми е битна правната сигурност. Сите странски инвеститори се свесни дека кога ќе дојдат во нова микро-средина треба бидат прифатени од средината, па се интересираат за обичаите на местото и сл.,  но од особена важност им е правната сигурност и заштитата. Сите клиенти сакаат брзина и ефикасност во правните постапки, а тука главна улога имаат адвокатите, ние сме дежурни виновници.

Во декември 2013 година стартуваше примената на новиот Закон за кривичната постапка (ЗКП). Кој е Вашиот став, како друштво, за можеби најкрупната реформа во правосудниот систем последниве години?

Има обуки, сe обучуваат судии, обвинители адвокати и во тој дел според мене се направени огромни напори, можеби даден е максимумот за да се дојде до полесна, поефикасна и побезболна примена на новиот ЗКП. Како ќе тече спроведувањето, ќе покаже времето. Инаку, јас лично, го сметам за голем напредок во правната пракса кој ќе бара дополнителни измени, наше прилагодување: и ментално и стручно. Според мене ова е голема пресвртница во однос на претходниот систем каде судот правеше сѐ. Го ценам како позитивна реформа, а како ќе се спроведе од Обвинителството, од судот и од одбраната – времето ќе покаже. За одбраната сметам дека ќе биде многу тешко од аспект на огромниот ангажман. Не знам дали ќе се нафаќаме така лесно да работиме на еден предмет како досега зошто одговорноста е голема. Правата се дадени, но за да ги обезбедиш треба да имаш голема финансиска моќ. Треба да се најде начин како граѓаните кои ќе се најдат во кривична постапка ќе обезбедат финансиски средства за да можат да обезбедат квалитетна одбрана. Тоа е прашање за дискусија, кое веќе го зборуваме со колегите, но праксата ќе покаже.

Што Ве исполнува максимално како професионалци?

Последниве години нѐ исполнува идејата и желбата да успееме како друштво. Се трудиме да има посебен приод кон секој предмет, значи: анализа, консултации… – што вродува со плод во поголем дел од случаите. Потоа, нѐ исполнува борбата пред судовите на РМ – такви какви што се. Сметам дека сме спремни за борба. Генерално, нѐ исполнува работата, но можам да кажам дека не е адекватен надоместокот за квалитетна ангажман за еден спор согласно Законот за парничната постапка (ЗПП). Значи да биде поконкретен: согласно ЗПП, пред да се поднесе тужба треба да се направи вештачење, да се соберат докази и сл. Значи припремата, бара многу време и голем ангажман. Тој ангажман, нажалост граѓаните кои имаат потреба од правна заштита не можат да го обезбедат поради финансиска немоќ. Според мене, а се надевам дека со ова ќе се сложат голем број на кои колеги, проблемот е доаѓањето до судска заштита. Значи ако претходно имавме проблем од многу лесно доаѓање до суд, сега евидентен е проблемот на не можност да се дојде до суд. Значи не само граѓаните како физички лица, туку и фирмите како правни лица. Оттука е евидентно е драстичното намалување на бројот на предметите во судот. Тоа не треба само нас адвокатите да нѐ загрижи, туку сите граѓани. Од друга страна, во многу ситуации сметам дека треба да се користат и плаќаат правните совети со што би се одбегнало одењето на суд.  Сепак, да се вратам на прашањето, за мене најголем личен успех е арбитражниот спор кој претходно го споменав. Сметам дека треба да се гордееме со работата која позитивно ја сработивме. Тоа беше најтешкото, но и најполезното искуство кое во животот сум го имал. Имавме „судар“ со јазик, имавме „судар“ со начин на соработка со колегите… Значи тие колеги внимаваат секој збор да биде поткрепен со докази. Многу се држат до својот кредибилитет во односот пред Трибуналот. Во нашата пракса тоа не се среќава.  Многу се мачевме, беше тешко, неизвесно…, но успеавме и се трудиме и тука да го пренесеме тоа искуство.


Разговараше: Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 8.4.2014