/ Прочитано:

1.320

На 11 и 12 мај во Охрид: АКАДЕМИК ОРГАНИЗИРА СЕМИНАР ЗА НАПРЕДНИ ПРАВНИ ПРАКТИКИ ПО РАБОТНО ПРАВО И ГРАДЕЖНИШТВО

На 11 и 12 мај, во Охрид Академик ќе одржи дводневен Семинар за напредни правни практики по работно право и градежништво. Семинарот претставува дел од  серијата едукативно-практични семинари на коишто се обработуваат најважните правни теми преку примери од практиката, но и преку научно-студиозните елаборации на правната наука, со цел совладување на правната материја и проблематика од современите правни области.

На семинарот во Охрид, во организација на Академик, ќе бидат обработени тематските целини посветени на работното право и на градежништвото. За правните практики и за правната регулатива, кои се однесуваат на работното право и на градежништвото, ќе говорат угледни предавачи и врвни стручњаци, познати и признати имиња од современата правна наука, од регионалното правосудство, од државните институции и од адвокатура.

Учесниците на семинарот ќе имаат ретка можност да ги слушнат искуствата на судијата Дарко Милковиќ од Врховниот суд на Република Хрватска, кој е и специјалист за работно право и кој е еден од авторите на извонредниот хрватскиот коментар на Законот за работните односи.

Покрај г. Милковиќ, на семинарот посветен на работно право (11.5.2015 год.) ќе говорат и Елеонора Јовановиќ од Министерството за труд и социјална политика и еден од најпознатите македонски експерти за трудовото законодавство, Стојан Трајанов, кои ќе се осврнат на измените во социјалното законодавство со акцент на Законот за работните односи.

Модератор на првиот панел од семинарот ќе биде Георги Димитров, адвокатот со екстензивно професионално искуство во областа на работното право, чија потесна специјалност е трудовото право и кој важи за еден од најдобрите познавачи на проблематиката на трудовото право во Македонија.

Свое излагање ќе има и судијката Бојана Велкоска, која ќе говори  за отказот од лични причини и од причини на вина, а како дел од вториот панел ќе говори проф. д-р Зоран Михајлоски, кој со учесниците ќе го сподели своето искуство како судија, универзитетски професор и постојан предавач на Академијата за судии и јавни обвинители и ќе говори за менаџерските договори и за правниот аспект на бонусите и вонредните стимулации.

Универзитетскиот професор доц. д-р Костадин Дуковски ќе се осврне на практичните финансиски аспекти, на практиките и третманот на додатоците на плата, а ќе говори и за практичната пресметка на плата, на придонеси и на додатоци на плата, во согласност со последните/најнови измени во социјалното законодавство.

Ирена Ристеска од Министерството за труд и социјална политика, чијашто компетентност е во делот на социјалното и пензиското осигурување, ќе говори за платата и за придонесите од плата, во согласност со најновите измени во социјалното законодавство.

Вториот ден од семинарот е посветен на градежното законодавство, кога свои излагања ќе имаат најрелевантните стручњаци од оваа област, кои се непосредно и институционално упатени во елаборацијата и во примената на градежното законодавство. Покрај практично-институционалните аспекти на правните практики од областа на градежното законодавство, ова прашање ќе биде дискутирано и од научно-студиозен аспект.

На вториот ден од семинарот ќе се говори за измените во Законот за градење и за новиот Закон за градежно земјиште, а предавачи ќе бидат Димитар Димовски, државен советник за урбанистичко планирање во Министерството за транспорт и врски,  потоа Стојанче Донев, раководител на Одделението за вршење надзор во Министерството за транспорт и врски, Дејан Митески, раководител на Одделението за јавно наддавање во Министерството за транспорт и врски и Анета Јорданова, раководител на Секторот за документирање и управување со градежно земјиште во Министерството за транспорт и врски. Најголемиот дел од панелот на овие предавачи ќе биде посветен на дискусија и на одговарање на прашањата од учесниците

Во продолжение на семинарот, учесниците ќе се запознаат со договорите за градба по „FIDIC“, за кои ќе говори доц. д-р Дарко Спасевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“, а државниот инспектор за труд од областа на безбедност и здравје при работа, м-р Горан Поповски, ќе ги сподели своите знаења и искуства осврнувајќи се на безбедноста и здравјето при работа и на инспекциските надзори на градилиште.

Во фокус на дводневниот семинар, покрај излагањата на предавачите, ќе бидат дискусиите преку кои ќе се разменуваат искуства и ќе се одговара на прашањата што предизвикуваат дилеми и проблеми во практиката.

Пријавувањето за учество на дводневниот семинар трае до 6.5.2015 на тел.: 02/3 221 091, 02/3 237 465 или на е-пошта: practicum@akademik.com.mk

Подетелни информации за дводневниот семинар можете да најдете во агендата за дводневниот семинар во организација на Академик:

>> Агенда за дводневниот семинар во Охрид „Напредни правни практики по работно право и градежништво