/ Прочитано:

1.434

На 15-годишниот јубилеј Централниот регистар најави регионално поврзување на централните регистри

Централниот регистар на Република Македонија одбележува 15-годишнина под мотото „15 години партнер и сервис на деловната заедница“.

На настанот по повод 15-годишнината се обратија директорката на Централен регистар Марија Бошковска-Јанковски, претставник на канцеларијата на Светска банка во Скопје, Гордана Поповиќ-Фридман, како и директорот на Агенцијата за стопански регистри од Србија, Ѕвонко Обрадовиќ.

„Успесите постигнати во изминатите 15 години се неоспорни. Централниот регистар ќе слуша и ќе се приспособува, ќе предлага, ќе коригира и ќе се подобрува во својата работа. Нашата заложба е Централниот регистар уште долго време да биде партнер и сервис на деловната заедница, а притоа да продолжи да се афирмира како предводник во креирањето на подобра бизнис клима“, рече Бошковска-Јанковски.

На денешниот настан беше истакнато дека централните регистри од регионот од 2018 година ќе почнат да нудат услуги на регионално ниво преку воспоставување платформа на сите бизнис-регистри од ЈИЕ. Услугите ќе ги нудат од 2018 година, а во платформата се вклучени Централниот регистар на Македонија и на Србија, а интерес пројавиле и Словенија, Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

„Со силна поддршка од матичните влади и од Европската банка за обнова и развој, оваа платформа ќе прерасне во клучна инфраструктурна рамка за подобрување на економската соработка во регионот, а јас лично и мојот тим сме исклучително горди што заедно со колегите од Србија сме исправени пред предизвикот да ги воспоставиме основите за приклучување на сите земји и регистри од Југоисточна Европа и со тоа директно да придонесеме за подобрување и зголемување на трговската размена во целиот регион“, истакна директорката на Централниот регистар на РМ, Марија Бошковска-Јанковски.

„Овој проект претставува нов почеток за соработка во регионот. Стопанствата во регионот не познаваат граници, па затоа и централните регистри тоа ќе треба да го направат. Македонскиот Централен регистар за 15 години направи џиновски чекори, нешто што некои институции не го прават ни за 50 години“, рече директорот на Агенцијата за стопански регистри на Србија, Звонко Обрадовиќ.

„Централниот регистар доби поддршка во спроведување на реформите и од Светска банка со која оваа финансиска институција во Македонија соработува од 2005 година, кога е спроведен проект за реформи во деловното окружување и за спроведување на реформи. Светска банка досега има дадено поддршка на проекти во Македонија од 2 милијарди долари“, рече Гордана Поповиќ-Фридман од канцеларијата на Светска банка во Македонија.

Централниот регистар на РМ почна со работа од 1 јануари 2002 година со еден регистар и 173 вработени, а денеска има 12 регистри и речиси 300 вработени.

Како што се пропишува во Законот за Централен регистар, Централниот регистар се основа како централна информативна база на правни и друг вид релевантни податоци, кои во согласност со овој или друг закон или со договор се внесуваат во него. Централниот регистар има својство на правно лице со права, обврски и одговорности утврдени со овој закон.

Bo Централниот регистар се основаат основни регистри врз основа на други закони, вo кои се конституираат права, како и регистри во кои не се конституираат права. Во Централниот регистар се водат и основни регистри кои се предвидени со други закони надвор од Централниот регистар.

М.В