/ Прочитано:

3.073

Емил Зола, писателот кој им се спротивстави на француските судски и извршни власти со: ОБВИНУВАМ!

На денешен ден во 1840 година е роден познатиот француски интелектуалец и писател Емил Зола, кој остана запаметен во светската историја и историјата на правото по своето отворено писмо до француските власти, обелоденувајќи ја аферата „Драјфус“.

Моќта на писателскиот збор на вистината – посилна од судскиот збор на лагата

Во своето писмо, Зола жестоко ја обвинил француската влада и судство за монтиран судски процес и корумпираноста, барајќи од француските власти ревизија на целокупниот процес во кој иако невин, бил осуден капетанот Алфред Драјфус. Преку таа негова општествена акција и ликот на Драјфус, Зола останува пример за моќта на писателскиот збор во креирањето на јавното мислење и што е најважно – во креирањето на казнената политика и правната држава. Според историските податоци, Алфред Драјфус бил капетан со еврејско потекло, невино обвинет и осуден за наводна шпионажа и оддавање податоци во полза на Германија и за тоа добива казна – доживотна робија. Како што се наведува во обвинението, тајните француски служби откриле евидентирана тајна документација која „извесен чиновник“ сакал да им ја „продаде“ на Германците, а за извршител на овој чин обвинителскиот прст го посочувал капетанот Алфред Драјфус.

Драјфус, иако невин и со никаква поврзаност со обвинението бил изведен пред воениот суд каде против него биле измислени докази и по одржаното судење го прогласиле за виновен. По пресудата, Драјфус бил затворен на Пеколниот остров близу Француска Гвајана. 

Адвокатот на Драјфус разговарал со Зола, објаснувајќи му ја целата кривично-правна конструкција за неговиот клиент. Изненаден и инспириран од вистината за случајот и нанесенеата неправда славниот писател  го објавил  познатото отворено писмо со наслов „ОБВИНУВАМ“ на насловната страница од весникот „Л’Орор“ и со тоа започнува жестока кампања за ревизија на процесот.

Во ова отворено писмо до претседателот на француската Република Зола ја обелоденил аферата „Драјфус“, обвинувајќи ја француската влада за монтирање на судски процес, незаконитоста и корумпираноста на судството, но и за дискриминацијата на Евреите во француско општеството.

Францускиот парламент  расправа за оваа статија: Демократија или ќе биде или не ќе биде!

„Во овој историски памфлет, кој означи капитален настан во историјата на европските идеи, Зола жолчно го нападна кршењето на законитоста, обвинуваајќи ги отворено виновниците меѓу членовите на генералштабот. Овој памфлет ја крева интелектуална Франција на нозе и ја предизвикува судбинската поделба. Во францускиот парламент пресудно се расправа за оваа статија: Демократијата или ќе биде или не ќе биде, станува судбинска дилема“, пишува академикот Луан Старова во книгата „Предавството на интелектуалците на Жилиен Бенда“.

Набрзо по објавување на отвореното писмо, Зола бил осуден на една година затвор и казна од три илјади франци, но по совет на својот адвокат, ја напушта Франција и оди во Англија, останувајќи таму единаесет месеци.

Сепак, неговата кауза ја постигнала целта. Судската постапка била обновена и Драјфус помилуван – гласот на писателот ја остварил целта, а  сите статии околу процесот и херојскиот подвиг ги објавува во книгата „Одот на вистината“.

Херојството на интелектуалците – писатели е во спасувањето на достоинството на невино осудените

„Конечната рехабилитација, Зола нема да ја доживее, бидејќи умира пред ослободувањето на Драјфус, но ќе ја продолжи славната традиција на херојството на интелектуалците-писатели во спасувањето на достоинството на невино осудените, почната уште од Волтер во одбраната на невиниот Калас, па преку Виктор Иго, Ромен Ролан и други. Забележано е дека неговото возвишено почитување на човекот и интегралноста на творештвото ќе биде посилно од желбата да влезе во Француската академија на бесмртниците, која тогаш ја контролираа противниците на Драјфус, посилно од стравот за сопствениот живот. „Тој голем човек, беше чесен човек“, ќе речат за Зола. Оваа вистинска сага за победата на вистината, кога демократијата е загрозена, како крвава предигра на пресметката на фашизамот со демократијата и најголемиот геноцид, може да се прочита во речиси секоја француска книжевна историја“, посочува академикот Луан Старова. Според академикот, Драјфусовата афера означи еден од најголемите духовни потреси во Европа, затоа што тогаш за прв пат во европската интелектуална традиција, поимот интелектуалец ја добива денешната конотација. „Зола дотогаш се сметаше за значаен писател-реалист, додека со пишувањето на памфлетот и ангажирањето во аферата Драјфус станува интелектуалец. Така, во француската интелектуална историја почнува дистинкција помеѓу интелектуалецот и писателот, интелектуалецот и носителите на другите професии. Така, може да се биде носител на било која професија од духовната сфера, но не и интелектуалец“, резимира Старова. М.В. / veljanoskim@akademik.mk